1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што точно кажа Олаф Шолц?

ДТЗ
29 јуни 2023

Полемиката се води околу тоа дали германскиот канцелар Шолц дал гаранции дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е последниот услов што земјата треба да го исполни за да ги продолжи преговорите со ЕУ.

https://p.dw.com/p/4TDS0
Олаф Шолц и Димитар Ковачевски во Берлин
Дали пораките на Олаф Шолц се погрешно пренесени?Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Преводот на пораките на германскиот канцелар Олаф Шолц ги скара власта и опозицијата во Северна Македонија. Полемиката се води околу тоа дали Германија дала или не гаранции дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е последниот услов што земјата треба да го исполни за да ги продолжи преговорите со ЕУ. 

Додека владејачката СДСМ тврди дека посетата на премиер Димитар Ковачевски на Германија донесе дополнителни придобивки и гаранции за државата и европската иднина, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека изјавата на Шолц дека не треба да има нови условувања е погрешно пренесена. 

„Ве повикуваме уште еднаш да го погледнете преводот на изјавата, цениме дека е направена грешка во преводот, намерна или ненамерна од службите. Изјавата на канцеларот Шолц е дека не треба да има нови условувања, што секако е и наш партиски став, меѓутоа тоа не се гаранции дека нема да има нови условувања“, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.  

- Погледнете што точно кажа канцеларот Олаф Шолц: 

Шолц: Не треба да има нови услови за С. Македонија

„Не, тоа е јасно договорено. Тоа треба да биде целосно редовен пристапен процес, со сите процедури што ги контролира Европската унија. Се разбира, сите работи кои се во прашање се потпишани. Нема нови што се однесува на билатералните односи. Тоа е мојот став“, рече Шолц. 

Според Ковачки, Шолц изразил свое мислење дека  Бугарија не треба да ѝ поставува нови услови на Македонија, но не гарантирал дека такво нешто нема да се случи. 

Страв од разочарување 

На претпазливост повикува и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. „Како држава, подобро е да бидеме претпазливи кон ветувањата што ни ги дава Европската Унија отколку повторно да останеме разочарани“, вели Милошоски во објава на социјалните мрежи.  

„За да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека ‘нема да има нови услови од Бугарија’, освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така од владата во Берлин беа дадени сериозни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија“, вели Милошоски.

Ангела Меркел
Во времето на Ангела Меркел беа дадени сериозни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, вели Антонијо МилошоскиФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Јасни и цврсти гаранции

Од СДСМ, пак, тврдат дека директно од канцеларот Олаф Шолц се добиени јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има. „Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ. Сето ова доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се потврдува и дополнително афирмира македонскиот како рамноправен со сите останати јазици на Европската Унија“, изјави на прес-конференција Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

Според премиерот Димитар Ковачевски, пораката на германскиот канцелар Шолц била исклучително јасна дека Германија останува еден од најпосветените партнери којшто дава најголема и најсилна поддршка на земјите од Западен Балкан.

„Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27 земји членки на ЕУ и е дел од Преговарачката рамка, практично е она, до што се придржуваат земјите членки и на ЕУ. Гаранција се земјите членки на ЕУ и особено оние коишто се најголеми и  најмоќни во ЕУ, а тука спаѓа и Германија“, изјави денеска Ковачевски. Тој поосочи дека била изразена и германската поддршка во однос на гласањето на уставните измени за вклучување на други делови на народи вклучително и на бугарскиот народ во Преамбулата на македонскиот Устав. 

Што кажа Шолц? 

„Германија сериозно ја сфаќа ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан, а тоа особено важи за Северна Македонија“, порача во средата (28.06) германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференција во Берлин пред билатералната средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

„Имаме особена почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува на патот кон ЕУ“, рече Шолц.

Коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ, Шолц беше дециден дека такво нешто не е договорено. 

„Не, тоа е јасно договорено. Треба да биде редовен пристапен процес согласно постапките на ЕУ и не треба да дојдат други кои се однесуваат на билатералните односи. Тоа е мојот став“, рече Шолц. 

Олаф Шолц и Димитар Ковачевски во Берлин
Коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ, Шолц беше дециден дека такво нешто не е договорено. Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Бугарија да покаже дека е за интеграција на регионот во ЕУ 

Еден ден по средбата со Шолц, македонскиот премиер Димитар Ковачевски вели дека Бугарија треба да покаже на сите нивоа на своето политичко делување дека се залага за интеграција на целиот регион на Западен Балкан во Европската Унија.

„Верувам дека за тоа се залагаат и сите партии коишто се во коалициската влада во Бугарија“, рече Ковачевски. 

Во однос на прашањето што очекува и дали се планирани средби со новата влада во Бугарија, Ковачевски рече дека имал телефонски разговор со новиот бугарски премиер Николај Денков и дека очекува да се види со него на Самитот на НАТО во Вилнус.