1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Нови барања од Бугарија не се дозволени

ДТЗ
28 јуни 2023

Претседателот Стево Пендаровски реагираше на изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев. Во однос на писмото на австрискиот амбасадор Георг Вуцас, оцени дека тој ги штити интересите на неговата држава

https://p.dw.com/p/4TADC
Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски вели дека нови барања од Бугарија не се дозволениФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Нови барања од Бугарија не се дозволени - порача денеска претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи ги изјавите на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој деновиве и преку писмо до европските лидери и институции, им порачал дека со ставањето на Бугарите во македонскиот Устав не ги се исцрпуваат условите за влез на Македонија во ЕУ.

„Нашиот пат кон Европа е јасен. Станува збор за преговарачката рамка која ја усвоиме минатата година. Во таа смисла, нови барања од Бугарија не се дозволени“, изјави Пендаровски, пред почетокот на конференцијата „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“.

Тој информираше дека за време на неговата посета на Подгорица оствариле куса средба со Радев, на која не разговарале за оваа тема, но во однос на неговата изјава посочи дека станува збор за „рециклажа на старата бугарска приказна“.

 

Румен Радев
Шефот на бугарската држава, Румен Радев во писмо до европските лидери нагласил дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата е само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство.Фотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

„Токму денеска ЕУ прославува 30 години од носењето на Копенхашките критериуми, кои се главниот сет на критериуми според кои се влегува во ЕУ. Така што, мислам дека Бугарија е последната држава членка на ЕУ која нам може да ни држи предавања за тоа кои се и што се, и што претставуваат Копенхашките критериуми, имајќи предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа која има најмалку почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Ние многу добро ги знаеме Копенхашките критериуми и тврдам дека Македонија е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ, која во моментот започнува преговори“, додаде Пендаровски. 

Германскиот Бундестаг со резолуцијата за македонскиот јазик која ја усвои на 15 јуни ја повика Бугарија да не поставува дополнителни услови за прием на земјата во Европската Унија. Но, шефот на бугарската држава, Румен Радев во обраќање до европските лидери нагласил дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата е само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство. Сепак, според Радев, тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија, а кои се наведени во заклучоците на Европскиот совет и двата протоколи меѓу Бугарија и Македонија.

Амбасадорот ги штити интересите на државата

Претседателот Стево Пендаровски го коментираше и отвореното писмо на австрискиот амбасадор Георг Вуцас, во кое се изречени отворени критики на сметка на македонското правосудство. Повод е неможноста на една австриска компанија да ги наплати побарувањата од 4,5 милиони евра од македонска фирма, иако за тоа имала пресуда во своја полза од меѓународна арбитражна постапка.

Пендаровски оценува дека не се работи за мешање во внатрешните работи, туку дека легитимна обврска на секој амбасадор е да ги штити интересите и на приватните бизниси на граѓаните од неговата држава.

„И нашите амбасадори кои се надвор и ја претставуваат нашава држава, имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на нашите граѓани во странство, не само на институциите на државата која ја претставуваат“, рече Пендаровски. Претседателот очекува македонските институции да утврдат дали навистина имало непочитување на меѓународна арбитража.