1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинскиот парламент ја отфрли оставката на Јацењук

ЕМФ/дв/миа31 јули 2014

Пратениците во Киев денеска (31.07) ја отфрлија оставката на преодниот премиер Арсениј Јацењук. Тој оставка поднесе минатата недела, откако парламентот ги отфрли од негова страна предложените мерки на штедење.

https://p.dw.com/p/1Cmv9
Фотографија: Reuters

Парламентарците во Врховната рада во Киев со големо мнозинство се изјаснија за неприфаќање на оставката на преодниот премиер. Оставката беше отфрлена со 109 гласа. Само 16 пратеници беа на мислење дека оставката на Јацењук треба да се прифати.

Освен тоа, пратениците се изјаснија за испраќање вооружени војници и иследници од Холандија и Австралија на местото каде што беше соборен малезискиот авион МХ17, соопшти претседателот на парламентот Александер Турчинов по одржаната седница зад затворени врати. На интернет страницата на Врховната рада стои дека на местото каде што е соборен авионот, во близина на Доњецк, треба да бидат испратени до 700 холандски војници и цивилни лица. Австралија би можела да испрати до 250 полицајци, војници и цивили.

Украинските пратеници денеска одлучија и да воведат воена давачка од 1,5 проценти за сите приватни приходи подложни на оданочување, која треба да трае до 1 јануари 2015 година. Давачката се воведува за да се финансира војната во источниот дел на Украина.

Во меѓувреме, украинската влада, според сопствени наводи, ја запрела офанзивата на истокот на земјата, за меѓународниот експерти да можат да стигнат до местото каде што е соборен малезискиот авион. Истовремено, официјален Киев ги обвини сепаратистите дека и натаму напаѓаат позиции на украинската армија. Владата на Фејсбук соопшти дека во таков случај украинската армија возвраќа на огнот во самоодбрана.