1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порошенко во Минск: На гости кај „пријатели“?

Роман Гончаренко/ Александра Трајковска 26 август 2014

Украинскиот претседател Петро Порошенко во Белорусија денеска се среќава со рускиот претседател Владимир Путин. Минск во кризата меѓу Москва и Киев се позиционираше неутрално и профитираше.

https://p.dw.com/p/1D15c
Фотографија: picture alliance / Uwe Zucchi

Директни разговори меѓу Русија и Украина досега се одвиваа во западна Европа. По руската анексија на украинскиот полуостров Крим и почетокот на борбите во источна Украина министрите за надворешни работи на двете земји еднаш се сретнаа во Женева и двапати во Берлин. Досега единствената лична средба меѓу неодамна избраниот украински претсдател Петро Порошенко и неговиот руски колега Владимир Путин се одржа на почетокот на јуни во Франција, за време на свеченостите по повод одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна. Денеска (26.08.2014) Порошенко и Путин се среќаваат по втор пат, овојпат во Минск (на насловната фотографија).

„Последниот дикататор на Европа“ во центарот на вниманието

Ново не е само местото каде што се одржува средбата, туку и форматот. Покрај Путин, ќе седи белорускиот претседател Александер Лукашенко. Исто така и претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбајев ќе биде присутен. Сите три земји ја сочинуваат царинската унија на поранешните советски републики. Европската унија во Минск ги испраќа високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, комесарот за трговија Карел де Гухт и комесарот за енергија Гинтер Етингер.

Во преден план треба да стане збор за економијата. Земјите од царинската унија сакаат да разговараат за нивната загриженост поради договорот за асоцијација на Украина со ЕУ. Киев и ЕУ пред сѐ сакаат да се дефинира руската испорака на гас во Украина и Европа. На дневен ред, меѓуто,а е и решавање на кризата во Украина. Затоа во Минск допатуваа стотици странски новинари. Така белорскиот претседател, кој во западните медиуми е нарекуван „последниот диктатор на Европа“, одненадеж е во центарот на вниманието.

„Новиот пријател“ на Украина

Тоа што средбата се одржува во Минск не е случајност. Лукашенко е многу близок со Русија, но пружа напори за добри односи со соседот Украина. Во неделата (24.08.2014) Лукашенко му го честиташе на претседателот на Украина денот на независноста. Путин го стори истото.

Пред само неколку денови паднаа и сите трговски бариери меѓу Украина и Белорусија. Но, и воопшто, Лукашенко се презентира великодушно. Белорусија „ќе и‘ помогне на Украина и покрај сопствената потреба, да го снабди своето стопанство со нафта“, рече тој на почетокот на август. Украинскиот претседател од своја страна и‘ се заблагодари на Белорусија за поддршката во преговорите за надминување на вооружениот конфликт во источна Украина. На 31 јули во „Саслави“, резиденцијата на Лукашенко кај Минск, беше одржана средба на Контакт групата, составена од претставници на Украина, Русија и Организацијата за европска безбедност и соработка, ОБСЕ. Тема беше размена на заробеници и пристап кон местото на уривање на малезискиот патнички авион, кој на средината на јули веројатно беше соборен од проруските сепаратисти. За резултатот од средбата малку се знае.

Ukraine Präsident Petro Poroschenko Vereidigung 07.06.2014 Lukaschenko
Лукашенко му нуди помош на КиевФотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

Добредојден гостин во Киев

Ова се најновите примери за „нежностите“ меѓу Киев и Минск. Украинскиот претседател, кој својата земја сака да ја води во правец на ЕУ, очигледно не се воздржува од контакт со Лукашенко, кој на функцијата е 20 години и кого Западот го нарекува „последниот диктатор во Европа“. На Украина се чини не ѝ пречи ни тоа што Белорусија е близок сојузник на Русија.

Од почетокот на украинската криза, Белорусија зазеде неутрална позиција. На крајот на февруари, кратко пред Русија да го анектира украинскиот полуостров Крим, Лукашенко се изјасни за зачувување на територијалниот интегритет на Украина. За разлика од Русија, тој веднаш го призна новото украинско државно раководство. На крајот на март Лукашенко дури се сретна во Минск и со привремениот претседател Олександер Турчинов, кого го увери дека Украина не треба да стравува од напад од белоруска територија, вклучително и руски. Лукашенко, кој на крајот на мај му честиташе на новиот украински претседател Порошенко за неговата изборна победа, беше поканет на инаугурацијата во Киев.

Wladimir Putin und Petro Poroschenko
Путин и Порошенко се среќаваат по вторпатФотографија: picture-alliance/dpa

Помош наместо посредништво

Астрид Сам, белоруски експерт и соработник на берлинската фондација Наука и политика, смета дека „пријателството“ со Украина не е „нов развој“.

„Лукашенко, и покрај одбивањето на т.н. колор-револуции, уште по 2004 година одржуваше добри контакти со тогашниот украински претседател Виктор Јушченко“, вели таа за Дојче веле. Затоа, по најновата смена на власта во Киев, Лукашенко беше замолен од украинските политичари за поддршка, вели таа.

Близината кон Украина и блиските односи со Русија од Минск прават погодно место за преговори во украинската криза. Лукашенко самиот истакнува меѓутоа дека не го сака зборот „посредство“. Тој порадо зборува за „помош“.

Минск профитира од санкциите на Москва против ЕУ

Москва засега молчи во однос на воочливо пријателскиот курс на Лукашенко кон новите властодршци во Киев. Набљудувачите претпоставуваат дека на овој начин Москва сака да чува отворена можност за директни контакти со Киев.

Во иднина Белорусија уште повеќе би можела да профитира од ваквиот однос во украинската криза. Откако Русија воведе против санкции кон Европската унија и беше запрен увозот на прехранбени производи, дојде шансата за Лукашенко. „Потребно е да се придвижиме, да се искористи моментот и да се заработат пари“, рече претседателот неодамна. Од една страна, Белорусија очигледно сака да продаде повеќе производи, од друга страна натамошно да ги обработува прехранбените производи од државите на ЕУ и да ги извезува во Русија.