1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Туск - европски прагматичар

Бартош Дудек / Елизабета М. Фиданоска31 август 2014

Доналд Туск е убеден Европеец. Неговата врамнотеженост му донесе успех во полската политика и пријатели во европските метрополи. Ваквите особини ќе му помогнат на новата функција.

https://p.dw.com/p/1D4Ld
Фотографија: Reuters

„Тој е страствен, убеден и убедителен Европеец“ - вака Ангела Меркел го прокоментира договорот Доналд Туск да биде нов претседател на Советот на ЕУ. Токму тие зборови таа ги избра уште во својот говор во 2010 година, кога полскиот премиер ја доби (ахенската) Карлова награда, признание кое им се доделува само на големи европски личности. И не без причина. Европскиот и кон Германија пријателскиот став на Туск и на неговата либерална партија „Граѓанска платформа“ беше она што во 2007 година му ја донесе победата над евроскептиците, национал-конзервативните браќа Качински.

Отворениот, пријателски настроен и за дијалог подготвен Туск беше чиста спротивност на неговиот, често бескомпромисен и кавгаџиски настроен, претходник Јарослав Качински. Додека настапите на Качински во време на неговиот мандат предизвикуваа исто толку беспомошност, колку и непријатност во Берлин, но и во Москва, Туск се погрижи за молневито подобрување на германско-полските односи и создаде дури и конструктивен однос со Владимир Путин. Во колективното сеќавање ќе остане прегратката на Туск и Путин на местото на несреќата на полскиот претседателски авион во Смоленск. Туск има и способност непријатните работи да ги каже дипломатски, но јасно, како за време на посетата на Путин на Полска на 70-годишнината од избивањето на Втората светска војна. Тој, дипломираниот историчар, тогаш својот гостин го потсети дека не само Хитлерова Германија, туку и Сталиновиот Советски сојуз ја „прегазија“ Полска.

Vladimir Putin und Donald Tusk
Туск и Путин во Смоленск, во 2010 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Одлуката донесена „денеска“

За многумина изборот на Туск за претседател на Советот на ЕУ беше изненадување. „Одлуката ја донесов денеска“, објасни Туск по изборот. Навистина, Туск, кој уште од 2010 година е предмет на дискусија како потенцијален наследник на претседателот на ЕК Барозо, до неодамна тврдеше дека сака да се концентрира на полската политика. За тоа што сега излезе поинаку, има повеќе причини. По втората изборна победа во 2011 година, анкетите покажуваат значителна предност на партијата на неговиот најголем ривал, Јарослав Качински. Така, повикот за Брисел е еден вид бегство на подобро.

Освен тоа, тука е руско-украинскиот конфликт, кој полскиот министер за надворешни работи Шикорски јасно го означи како „војна“. Полјакот Туск на врвот на ЕУ добива сосема други можности за влијание, отколку само на национално ниво. Слабоста на полскиот премиер, кој наместо англиски, зборува подобро германски и руски, може да биде дури и предност. Освен тоа, Туск, роден во Гдањск во 1957 година, активист во синдикатот „Солидарност“ за човекови права и за ослободување од комунизмот, многу подобро го разбира пост-советскиот менталитет на руското раководство отколку новата Висока претставничка за безбедносна и надорешна политика Федерика Могерини и нејзините западноевропски колеги.

Angela Merkel und Donald Tusk
Стилот на Туск потсетува на стилот на МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Пратеникот во германскиот Бундестаг Карл-Георг Велман е убеден во тоа дека тоа било решавачки за назначување на Туск на високата позиција во ЕУ. „Тоа е извонредна одлука“, оценува Велман за ДВ. Туск во Берлин важи за „разумен“, „истраен“, но истовремено и човек кој „може да води политика на мирна рака“. А тоа е нешто што потсетува на политичкиот стил на Ангела Меркел. Со нејзина поддршка Туск на функцијата претседател на Советот на ЕУ има вистинска шанса за извршување на новите задачи поактивно и поделотворно од неговиот претходник.