1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се вклучуваат во сузбивањето на еболата

ЖА/дпа/афп/ртре16 септември 2014

Еболата се шири во западна Африка, па расте притисокот врз западните влади. Американскиот претседател Барак Обама ќе испрати илјадници војници за справување со опасната епидемија.

https://p.dw.com/p/1DDOA
Фотографија: Reuters/James Giahyue

Американскиот претседател Барак Обама планира да ја зголеми помошта за западноафриканските земји кои се борат со епидемијата на ебола така што ќе испрати три илјади припадници на војската во погодените региони, кои ќе пружат медицинска и логистичка поддршка на локалното здрaвство.

Ова тој ќе го објави денеска (16.09) за време на посетата на федералниот Центар за превенција и контрола на болести во Атланта, соопштено е од кругови на Белата куќа.

Еболата досега зеде над 2.400 човечки животи, иако црните бројки се многу повисоки, најмногу во Нигерија, како и во соседна Гвинеја и во Сиера Леоне, каде системот за здравствена заштита не можеше да се избори со епидемијата.

Претставниците од американската администрација вчера најавија дека новите иницијативи опфаќаат обука на 500 здравствени работници неделно, изградба на 17 здравствени центри со по 100 кревети во погодените региони, воспоставување заеднички команден центар во Монровија во Либерија кој би ги координирал хуманитарните напори на САД и на меѓународните организации.

Со американскиот план се предвидува и за повеќе стотици илјади домаќинства да се обезбеди прибор за прва помош, вклучувајќи 50 илјади комплети кои Американската агенција за меѓународен развој ќе ги испорача во Нигерија оваа недела.

Една од мерките е и спроведување кампања со цел локалното население да се запознае со правилата на постапување со заразените пациенти.

Американската администрација за сузбивање на еболата веќе одреди околу 100 милиони долари во вид на заштитна опрема за здравствени работници, храна и вода, како и за медицински и хигиенски средства.

За в четврток е планирана вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за проблемот со еболата, иако ова тело на ОН всушност е надлежно за мирот и безбедноста.

„Не треба да истакнувам колку е невообичаена дебата во Советот за безбедност за здравствена криза. Но, во моментов е важно Советот да расправа за состојбата со епидемијата“, изјави американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер. На состанокот треба да стане збор за натамошна помош од 193-те членки на ОН за кризните региони.