1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Конески и грижата за јазикот

20 декември 2021

Јазикот не се брани на барикади, ниту со патриотски пароли, туку со непрекинатото збогатување на личната јазична култура. А тоа го чиниме постојано читајќи и пишувајќи. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/44YgO
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не“ - Блаже Конески

Во оваа година, во која вчера се навршија сто години од раѓањето на Блаже Конески, си бев ветила почесто да му се навраќам, а и да пишувам за него и за неговото творештво. Често ја читав книгата на Цане Андреевски, „Разговори со Конески“, затоа што мислата на Конески е неверојатно актуелна и инспиративна. Иако, како секоја македонска писателка и македонски писател, јас сум постојано во дијалог со Конески. Затоа што тој е длабоко поврзан со мојот мајчин јазик, на кој пишувам. Ме восхитува неговиот литературен стил, кој е благородно едноставен и јасен, близок по скромноста до народното творештво, но и проникнат со интелектуалноста само до една многу пријатна мера.

Грижата за јазикот треба да ја делат сите

Вчера, додека трагав во мислите по македонски еквивалент на еден германски збор, а притоа проверував дали веќе постојат зборотворбите што ми се чинеа најсоодветни, ми стана јасно колку е присутен македонскиот јазик во дигиталната сфера. Си помислив, тоа сигурно ќе му се допаднеше на Конески! Не само што пишувам со лаптоп со македонска поддршка, што не беше возможно пред десетина години, туку и во базата од податоци во интернетот македонскиот јазик е присутен во многу значајни контексти. Тој е застапен не само во автоматскиот преведувач на Гугл, туку и во неколку други преведувачи. За жал, го нема во одличниот преведувач Дипл https://www.deepl.com/translator. Се разбира, уште посуштествен за присутноста на македонскиот јазик во интернетот е Дигиталниот речник на македонскиот јазик http://drmj.eu/. Тој е одлично помагало за сите што имаат желба да го зголемат своето македонско лексичко богатство, но и да ги освежат своите знаења за македонскиот правопис. Имено, откако постојат социјалните мрежи, тие станаа огледало за писменоста или неписменоста на нејзините корисници. Често најревносните бранители на македонската нација и на македонскиот јазик не го познаваат доволно ниту правописот. Тие потврдуваат со својот негативен пример дека јазикот не се брани на барикади, ниту со патриотски пароли, туку со непрекинатото збогатување на личната јазична култура. А тоа го чиниме постојано читајќи и пишувајќи. Пред се‘, читајќи добра македонска литература. Кон средината на осумдесеттите на Конески му било јасно дека грижата за јазикот во јавната комуникација (кон која денес припаѓаат и социјалните мрежи!) треба да ја делат сите.

Македонскиот јазик може да биде загрозен само одвнатре

Во актуелната политичка состојба која настана по бугарското вето, полезно е да се потсетиме на значењето кое Конески ѝ го припишува на литературата за афирмацијата на македонскиот јазик. Додека бугарските политичари во Брисел постојано поставуваат услови за именувањето на македонскиот јазик, оспорувајќи ја неговата самобитност, на македонските политичари не им паѓа на памет да аргументираат во одбрана на македонскиот јазик со помош на македонската литература. Таа најдобро сведочи за самобитноста на македонскиот јазик. Јазикот на кој е преведен Шекспир и Толстој, Томас Ман и Франц Кафка, Пруст и Достоевски, не е дијалект, ниту обична „литературна норма“ на бугарскиот. Затоа што од бугарски се преведени на македонски неброени автори. Да беа идентични двата јазика, не ќе имаше потреба од превод. Од Конески ние, денешните Македонци, може да научиме дека „од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не.“ Тоа значи дека никој не може да го загрози македонскиот јазик однадвор. Уште помалку кога веќе постои македонска држава. Македонскиот јазик може да биде загрозен само од неговите говорители и пишувачи. Тие што не го познаваат правилниот правопис, а веруваат дека го бранат македонскиот јазик со патриотска реторика, не го заштитуваат, туку го загрозуваат, затоа што го инструментализираат, претворајќи го во средство за политичка пресметка со противникот.

Други колумни од авторката:

Посланието на Блаже Конески до Македонците

Преписката на писателите во дигиталната ера

Желбата да сме дел од животот на писателот

Дали во годината на Конески се запрашавме - колку ние денес сме способни да ја изградиме одбраната на македонскиот јазик пред цела ЕУ токму преку македонската литература? Конески истакнува дека во неколкуте децении по војната има огромен напредок во македонската литература и наука. „Земете ја само литературата, земете ја македонската проза.Четириесет и петтата година воопшто ја немаше. Некои мали раскази. Скромни. А денеска ние имаме многу добри романи, што можат да стојат во секоја литература.” Според Конески, засилената прозна продукција говори за процес кој водел кон континуиран подем. „А што во нашата средина има луѓе недоволно и образовани и самосвесни да ги ценат тие успеси и да ја читаат таа литература, и да се воспитуваат на неа, и својот јазик да го градат на неа – тоа е друго прашање. Тоа е прашање на самата зрелост на нашата средина”, заклучува Конески. Всушност, прашањето за самата зрелост на „нашата” македонска средина е денес многу поактуелно одошто беше во осумдесеттите. На Конески му било јасно дека културните средини со постара традиција секако имаат поголеми дострели. „Ама наша задача не е да се потчиниме на таа ситуација, ами да се трудиме колку што можеме да го достигнеме она рамниште, што е постигнато сегде во културниот свет“, препорачува тој. Така не се однесувале тие кои не се радувале на успесите во својата средина поради инфериорното чувство што го имале пред великоста на дострелите на други културни средини.

Да се создаваат пријатели на македонскиот јазик

Во кусиот опис на состојбата на духот кон средината на осумдесеттите, Конески ги детектира двата доминантни става кон нештата во македонското секојдневие: дефетизмот и конструктивниот реализам. Вториот е очигледно животниот став на Конески. Тој реалистично ги проценува скромните дострели на македонската култура, поставувајќи ги во релација со тоа какви биле почетоците 45-тата. Во тој контекст, за него досегашните постигнувања треба уште повеќе да мотивираат кон нови дистрели. Овој конструкртивен реализам, кој не ја разубавува стварноста, денес тешко успева да го победи дефетизмот на изреката „не нѐ бива за ништо”. Конески знае дека високите цели не се постигнуваат преку ноќ. Уште повеќе, тие бараат многу пожртвуваност и работа, нешто што не ги восхитува дефетистите, затоа што тие често шират дух на летаргија. Конески е критичен и кон „љубовта” на Македонците за историските митови. „Тоа зависи од чувството за добар вкус, дали човек ќе настапи така или не. Јас лично тие работи не ги сакам.“ Тие работи се наклоноста кај многу народи, не само кај Македонците, „за стотина години или двесте почетокот да го поместат наназад “, вели за потрагата по претходници во далечното минато. „Потребно ни е ние да работиме. Потребно ни е да бидеме ефикасни, на пример, во Охрид денеска, а не да правиме од Охрид и она што било и она што не било.”

Блаже Конески навистина беше великан. Затоа што ја поседуваше меѓу Македонците ретката скромност на големите творци, која денес ни е насушно потребна. Насушно потребен ни е и неговиот самопрегор за највисоките македонски државни и културни интереси. Барем во неволјата во која се најде македонското општество по бугарското вето, требаше да почнеме да учиме од неговата мудрост. Тој, имено, се трудеше да создава пријатели на македонскиот јазик во големите слависти во целиот свет. Не со „поданички” дух, туку со достоинството на скромните и чесните творци. Ние денес немаме веќе лекторати за македонски јазик во најпознатите универзитети во Европа, затоа што нема веќе интелектуалци и творци во Македонија со авторитетот на Конески, кој градеше мостови и освојуваше верни пријатели.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.