1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Укинати посебните мерки за загадување во три града

ДТЗ
26 декември 2022

По неколку дена енормна загаденост, жителите во неколку града во Северна Македонија можат слободно да дишат. ЈСП најави бесплатен превоз во Скопје додека трае алармантната ситуација

https://p.dw.com/p/4LQh2
загадување
Загадувањето го вклучи алармот во неколку градовиФотографија: picture-alliance/dpa/D. Kubirski

По неколку дена енормна загаденост, жителите во неколку града во Северна Македонија можат слободно да дишат. Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека од денеска во градовите Гостивар, Кичево и Кавадарци се укинуваат мерките и препораките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри. Во Скопје и Струмица се уште се во сила донесените мерки и препораки. 

Јавното сообраќајно претпријатие  најави бесплатен јавен превоз како дел од мерките поради високата загаденост на воздухот во главниот град. Мерката започнува да се применува од денеска па сè до завршување на алармантната состојба.

Поради зголемено загадување на воздухот, од саботата стапија во сила препораките и мерките во Скопје, Кичево, Кавадарци, Струмица и  Гостивар. Одлуката за стапување во сила на мерките и препораките ја донесе Владата откако на мерните места во овие градови во текот на два последователни дена беше надмината вредноста на ПМ10 честичките од 150 микрограми на метар кубен.

Контроли и препораки

Зголемено загадување на воздухот и присуството на ПМ10 честитки го вклучија алармот. Денеска ситуацијата е многу подобра - Скопје повеќе го нема на листата на најзагадени градови во светот на IQair, додека на сајтот на AirCare изутринава во Битола е зголемено загадувањето (108 AQI) .

Неколку дена по ред главниот град Скопје беше во самиот врв по загаденост во Европа и во светот, а мерните станици големо загадување регистрираа и во другите градови. Поради тоа, надлежните институции препорачаа да бидат ослободени од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11 до 17 часот.

Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

загадување
Државниот инспекторат за животна средина треба да врши зачестена контрола на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздухФотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Кој е најголем загадувач? 

Студиите за загадување на главниот град покажаа дека воздухот во Скопје нема да се прочисти се додека масовно се користи дрвото за огрев. Според најновите анализи кои ги изработувале професори од универзитетот Гоце Делчев од Штип, најголемото загадување е од биомаса – од 35 до 45 отсто, на второ место се возилата, на трето се градежните активности, а индустријата е најмал загадувач. 

„Но, тоа не значи дека Инспекторатот нема да продолжи да ги контролира индустриските капацитети. Кога зборуваме за загадување од биомаса, тука не се само домовите, туку и државните објекти кои се греат на мазут и нафта. Направивме стратегија во Владата, за измени на начинот на греење на училиштата, градинките, полициските станици, болниците, а има и програма од Министерството за економија за греење на соларни панели и други вакви мерки“, вели министерот за животна средина, Насер Нуредини. Надлежните предлагаат алтернативи - пешачење, возење на велосипед и користење на јавен превоз.

Активистите на „Зелен хуман град“ изготвија 14 буџетски амандмани за зелено и хумано Скопје, со кое се надеваат дека ќе го насочат градот да се развива на одржлив, праведен и инклузивен начин. Амандманите, меѓу другото се однесуваат на  енергетска независност, намалување на аерозагадувањето и зголемена инспекциска контрола, зголемено зеленило и негов мониторинг, справување со отпадот, намалување на депониите, унапредување на велосипедизмот и слично.

 

Со дрон против загадувањето на воздухот

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема