1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Тејлор Свифт и теориите на заговор на Трамп

9 февруари 2024

Теориите на заговор на движењето „МАГА“ до неодамна се држеа строго до политичкото, додека сега влегуваат и во доменот на културата, зајакнувајќи ја веќе постоечката културна војна во САД. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4cCt8
Музичката суперѕвезда Тејлор Свифт
Музичката суперѕвезда Тејлор СвифтФотографија: Xavier Collin/Avalon/Photoshot/picture alliance

Во апсолутна тајност, сокриен во својот Претседателски центар за вонредни операции (PEOC), бункер кој е сместен под Источното крило на Белата куќа, Џо Бајден ги пречекува министерот за Одбрана Лојд Остин, филантропот Џорџ Сорос, пејачката Тејлор Свифт и нејзиниот дечко Тревис Келце, легендарниот „tight end“ на Канзас Сити Чифс, кој освои место во Суперболот што на 11 февруари ќе се одигра во Лос Анџелес против фаворизираните Сан Франциско 49. На масата на Бајден стои копија од книгата „Psychological Warfare“, класик за психолошката војна, дело од 1948 на Пол Лајнбаргер.

Планот на заверниците е едноставен. Тејлор Свифт ќе учествува на финалето навивајќи за Келце, на тој начин привлекувајќи ги своите и спортските фанови, според некои проценки, околу 200 милиони гледачи. Потоа, како во 2020-та, Свифт ќе изрази поддршка за Џо Бајден против републиканецот Доналд Трамп и ќе најави дека наесен планира брак со Келце, мобилизирајќи ги гласачите да излезат на ноемвриските претседателски избори. Тимот на Тревис Келце ќе победи на драматичен начин во наместен натпревар и така со влијанието на Свифт и Келце тие би му помогнале на Бајден да победи во претседателската трка.

Ви звучи лудо? Ако е така тогаш сте задржале доза на нормалност во општото глобално политичко лудило кое се почесто го вмешува и светот на спектаклот и спортот. Но, јасно е дека кај многумина ваквите приказни ќе залепат, каде само во Америка, 134 милиони онлајн корисници веруваат во вистинитоста на оваа конструкција која десничарските и про-Трамп инфлуенсери, водители и популисти, со задоволство во измнинатите недели ја пренесуваат и популаризираат.

Феноменот Тејлор Свифт

Десничарските активисти се вклучија во неосновани шпекулации за тоа како романтичната врска на Свифт со играчот на Канзас Сити Чифс, Тревис Келце, кој претставува американски пар на рагби ѕвезда и поп икона е конструкција на демократите или НФЛ за да ги измамат Американците и да гледаат повеќе натпревари во лигата или да гласаат за Бајден на ноемвриските избори. Верзијата на таа теорија беше емитувана на Фокс њуз во средината на јануари, кога водителот Џеси Вотерс ја изнесе идејата дека Свифт е агент на американската влада вклучен во психолошка војна. Тој посочи дека неверојатниот успех на нејзината концертна турнеја Ерас бил потпомогнат од Министерството за одбрана.

Тревис Келце и Тејлор Свифт
Тревис Келце и Тејлор СвифтФотографија: Julio Cortez/AP/picture alliance

Тејлор Свифт е феномен кој ја трансцендентира музиката и поп-културата. Според Федералните резерви на САД, односно, Централната банка, поп-дивата покрај тоа што придонесла за БДП со преку 300 милиони долари преку нејзината турнеја Ерас, туку и стимулирала туризам, хотели и ресторани во зоните на своите концерти, со што вкупната заработувачка според Форбс би се издигнала на околу 1,5 милијарди долари. Свифт самата тежи околу 2% од вкупниот музички бизнис или исто колку целата класична музика. Доволно е Свифт да се појави во навивачката трибина на натпреварите на Келце за гледаноста втроглаво да порасне, особено кај жените и тинејџерите, додека продажбата на дресот 87 на Келце се приближува кој бројката милион, бележејќи раст од 400%. Во неделата Тејлор Свифт влезе во историјата на годинешните награди „Греми“, како прв изведувач кој по четврти пат ја освоил наградата за албум на годината, за изданието од 2022 година „Midnights“. Со тоа го надмина рекордот и на легендата Френк Синатра, кој заедно со Стиви Вондер и Пол Сајмон имаат по три награди „Греми“ во оваа категорија.

Соочени со димензиите на оваа ѕвездена популарност и со надежите на кампањата на Бајден која и овие избори се надева на јавна поддршка како во 2020-та, десницата на Трамп одлучи да пристапи кон „PSYOP“ стратегијата, односно, теоријата на заговор за психолошка војна на демократите и Бајден. Теориите на заговор во кои е вмешана Свифт велат дека нејзината врска со играчот Келче е лажна и „психолошко оружје“, додека покрај нив тука се и ЦИА (Централната разузнавачка агенција) и милијардерот и филантроп Џорџ Сорос. Според калкулациите на „МАГА“ - „Make America Great Again“ движењето на Трамп, Свифт и Келце, (кој инаку учествуваше и во реклама за Фајзер вакцините), двојката е израз на најпеколната комбинација која поддржува - демократи и вакцини.

Воедно, Сорос покрај тоа што од поодамна е посочен како „ширач на ковид“, е обвинет дека е финансиер на мизансценот Свифт- Келце - Супербол, во соработка со министерот Остин, ЦИА и Пентагонот. Фактот што министерот ја криел медицинската интервенција за ракот на простата минатиот декември, лажејќи дури и пред Белата куќа, според теоретичарите на заговорот е всушност доказ за целата шема.

„МАГА“ десница не е нова кон ваков тип на заговори, доволно е да се присетиме дека во обидот за крадење на изборите учествуваа со тврдења дека наводно пронајдени остатоци од бамбус во гласачките кутии во Аризона биле доказ дека Кинезите се вмешале во изборите и дека 40 илјади гласачки ливчиња биле донесени од Азија и ставени во гласачките кутии. Или пак, „Италигејт“ заверата, предизвикана од Трамп кога бараше да се истражи тврдењето дека луѓето во Италија користеле воени сателити со цел гласачките машини во САД да ги променат гласовите во корист на Бајден. Или кога Фокс Њуз за своите обвинувања за изборна измама користеше како извор жена која тврдеше дека ветерот и зборува, и чии визии и соништа и откриле измами во гласачкиот процес.

Конструкциите на МАГА

„МАГА“ на Трамп од поодамна се занимава со незапирлива негативизација и демонизација на демократите, кои меѓудругото, ги нарекуваат и Демон-крати, создавајќи така голема група на луѓе кои веруваат дека левицата е чудесно моќна, морално бескруполозна и посветена кон уништување на нивниот начин на живот. Оттука јасно е дека доколку луѓето веруваат дека нивните противници се способни за се, тогаш лесно е потоа да поверуваат на секаква конструкција. Разликата со минатото е што теориите на заговор на „МАГА“ до пред некое време се држеа строго до политичкото, додека сега влегуваат и во доменот на културата, зајакнувајќи ја веќе постоечката културна војна во САД. Сѐ почесто „МАГА“, преку еден вид на културна сецесија, се врти против популарните и мејнстрим производи, институции и лица, кои не и одговараат и се обидува да ги бојкотира и замени со сопствени алтернативи. Така е почнувајќи од пивата, преку социјалните мрежи, до поп-ѕвездите.

Приврзаник на МАГА со чорапи со називот на движењето кое го поддржува Доналд Трамп
Приврзаник на МАГА со чорапи со називот на движењето кое го поддржува Доналд ТрампФотографија: Nick Oxford/REUTERS

Глупавоста и идиотизмот на конструкциите самите се коментираат, останува прашањето колку навистина е голема моќта на влијание на ѕвездите врз поддршката на кандидатите. Во случајот на Свифт знаеме дека за време на локалните избори во 2023 година, таа сподели порака на Инстаграм во која ги охрабрува нејзините фанови да се регистрираат за да гласаат. Еден час по нејзиниот повик на социјалните мрежи за регистрација на гласачите, сообраќајот на vote.org се зголеми за повеќе од 1.200 отсто, рече тогаш извршната директорка Андреа Хејли, што придонесе за рекорден број посети на веб-страницата за регистрација на гласачите тој ден. Имено, според организацијата, тој ден биле регистрирани 35.252 нови гласачи, што е најголема бројка од 2020 година.

Но, во теоретска смисла, политиколозите се поделени околу тоа колку моќни се поддржувањата на познатите личности. Според аналитичарот на Фајненшел Тајмс Џон Бирн-Мердок, во 2008 година поддршката на Опра Винфри му донесе милион гласови на Обама против Хилари, додека според професорот Дејвид Џексон од Боулинг Грин Стејт Универзитетот, ѕвездите само ја поларизираат публиката, па така, Свифт која ги загрева гласачите на Бајден, паралелно ги оладува оние на Трамп. Збир со нула сума.

Овој пат се чини дека Тејлор Свифт може да биде исклучок, ако не поради сопствената големина и успешност, тогаш барем благодарение на монструозната глупавост на трамповата десница.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.