1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паричниците на функционерите „потешки“ за околу 1.000 евра

ДТЗ
2 мај 2023

Со корекцијата на платите, собранискиот спикер Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ќе почувствуваат најголема промена на своите банкарски сметки.

https://p.dw.com/p/4Qn3f
Влада Македонија
Паричниците на одредени министри „потешки“ за околу 1.000 евраФотографија: Government of North Macedonia

Сметките на функционерите од овој месец се „потешки“ за уште 1.000 евра, откако стапи на сила одлуката за зголемување на платите за 78 проценти. Станува збор за околу 1.000 избрани и именувани функционери, кои со одлука на Уставниот суд, добија можност за покачување на месечните приходи од април годинава. И покрај бројните реакции во јавноста, одлуката остана на сила, но ги „разбуди“ синдикатите кои побараа идентично покачување на сите плати во земјата. 

Со корекцијата на платите, собранискиот спикер, претседателот на државата и премиерот ќе почувствуваат најголема промена на своите банкарски сметки.  Според пресметките, зголемената плата на претседателот, по одлуката на Уставен суд, изнесува над 164 илјади денари нето. Премиерот Ковачевски зема плата од над 156 илјади денари, а претседателот на Собранието Џафери, со оглед на работниот стаж,  има највисока плата од сите - над 166 илјади денари. Висока плата ќе добие министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од над 153 илјади денари, со оглед на тоа дека му се утврдува зголемување за 20% на платата утврдена за извршување на функцијата. Ваквиот додаток на плата се исплаќа од 2017 година.

На владиниот сајт се уште стојат податоците за функционерските плати за декември 2020 година. 

Талат Џафери Македонија
Со корекцијата на платите, собранискиот спикер Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ќе почувствуваат најголема промена на своите банкарски сметки. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Подебели сметки 

На сметките на пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител и секретарите на Владата и Собранието ќе „легне“ плата од над 120 илјади денари. Со одлуката на Уставен суд, се врши корекција и на платите и на претседателот на Уставниот суд и на потпретседателите на Собранието кои ќе се зголемат за 60 илјади денари. 

Најблиските соработници на премиерот - на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и следи плата од околу 130 илјади денари, на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од околу 127 илјади денари, додека првиот вицепремиер Артан Груби и министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска имаат плата од околу 125 илјади денари. 

Реакции 

Платите на функционерите се пресметуваат така што основицата се множи по одреден коефициент во зависност од функцијата. Законот за плати на функционери предвидува основицата да биде просечната плата од претходната година, но со години беше замрзната на пониско ниво. 

Но, Уставниот суд на седница на 21 март, донесе одлука да ги укине член 4 и 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Во одлуката од Уставниот суд се наведува дека со првата укината одредба е утврдено дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25.726 денари, додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за четири отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година. 

Уставен суд
Уставниот суд на седница на 21 март, донесе одлука да ги укине член 4 и 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

„Привлечните плати“ на функционерите предизвикаа лавина реакции во јавноста. Од Светска банка побараа Владата да ја преиспита одлуката за зголемување на платите, со оглед на тоа дека се случува во ек на кризата. Претседателот Стево Пендаровски неколкупати и порачуваше на Владата дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат функционерските плати. Тој ја повика Владата да најде решение за намалување на бодовите

Од Владата порачаа дека одлуката на Уставниот суд е конечна и треба да се почитува, но дека тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица. Информираа дека се разгледуваат можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, но и дека се работи и на решение за општ колективен договор и на Законот за плати, со што ќе се направи системско решение и ќе се утврди методологија за раст на платите.