1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски со критики за бугарскиот однос кон Македонија

ДТЗ
17 мај 2023

Македонскиот премиер Ковачевски на самит на Советот на Европа во Рејкјавик ги осуди обвинувањата на Илијана Јотова дека систематски се прекршуваат правата на Бугарите во Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/4RV1Y
Димитар Ковачевски премиер
Ковачевски со критики за бугарскиот однос кон Македонија Фотографија: Government of North Macedonia

Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа, порача премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик. 

На самитот на Советот на Европа во Исланд, македонскиот премиер потенцираше дека Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права.

„Сите извештаи го потврдуваат тоа“, рече Ковачевски. Тој оцени дека обвинувањата наведени на Самитот од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја која што не ги почитува  пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

Ваквата порака на Ковачевски следи откако потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, обраќајќи се на тркалезната маса за справување со новите предизвици за човековите права во вторникот (16.05), рече дека гарантирањето на човековите права не може да постои само во документи. „Секој обид за нивно прекршување мора да биде пречекан со цврст став и силна акција“, додаде таа, цитирана од БТА.  

Таа обвини дека систематски се прекршуваат правата на Бугарите во Република Северна Македонија. 

„Европа оди од една во друга криза, што предизвикува уште поголеми поделби во општествата, нееднаквостите се зголемуваат, луѓето се повеќе се спротивставуваат еден на друг“, рече Јотова. Таа ја истакна влошената состојба со човековите права. „Се повеќе политичари си дозволуваат да зборуваат за човековите права како застарена политика и луксуз. Затоа мораме да бидеме особено внимателни кога се соочуваме со нетолеранција, непочитување на етничките права и дискриминација“, рече Јотова. 

Румен Радев и Илијана Јотова
Pотпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова обвини дека систематски се прекршуваат правата на Бугарите во Република Северна Македонија.Фотографија: BGNES

Недозволиво е влијание од трети страни 

Северна Македонија и Албанија, според Ковачевски, заслужуваат да продолжат напред и заедно затоа што кога соседите се движат напред и останатите се движат напред. „Не смееме да дозволиме влијание од трети страни особено не од Русија и во срцето на Балканот, што е срцето на Европа“, додаде македонскиот премиер. 

Тој е дециден дека Северна Македонија целосно ја поддржува декларацијата на Самитот и сите анекси и верува дека тие обезбедуваат солидна агенда за решавање на проблемите.

„Со нашите партнерски организации особено ЕУ, особено решавањето на грижите и проблемите што ги споделуваме. Како претседавач со ОБСЕ и членка на НАТО ќе продолжиме да ја покажуваме нашата цврста посветеност на мултилатерализмот и нашата посветеност особено кон Украина, како што правевме и досега“, рече Ковачевски.

Тој порача дека повеќе од кога било е важно Европа да остане обединета и Европа нема да биде обединета целосна и слободна и мирна без Балканот целосно интегриран во европското семејство. 

Самит посветен на Украина 

Четвртиот Самит на Совет на Европа кој годинава се одвива во Рејкјавик, е посветен на Украина и се однесува на мирот и почитувањето на човековите права, особено во овие тешки времиња кога во Европа не е нападната само една држава, туку се нападнати демократските принципи и вредности на меѓународниот поредок. На дневен ред на четвртиот Самит на Советот е и формирање Регистар за евидентирање на штетите предизвикани од руската агресија врз Украина и за реафирмирање и унапредување на основните вредности: човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Латвија е следната земја- членка што ќе претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа за период од шест месеци.

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на четвртиот Самит на Советот на Европа, учествуваше на Тркалезна маса зад затворени врати, на која се разговараше за моделите за зачувување и развој на демократијата во време на огромни ризици. Тој имаше средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, за која што вели дека е искрен пријател на Северна Македонија, која лично се залага и дава поддршка на европскиот пат на земјата.

„На средбата, овде во Рејкјавик, искрено ѝ се заблагодарив што верува во нашата решителност да ги засилиме реформските процеси за подобар и поквалитетен живот на нашите граѓани и побрзо да добиеме статус на полноправна членка на ЕУ“, објави Ковачевски на Фејсбук. На средбата со канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, му се заблагодарил што Германија останува силен поддржувач на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ. 

Ковачевски на маргините од 4-от Самит на Советот на Европа во Рејкјавик имаше куси средби со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон и со белгискиот премиер Александар Де Кру. 

На средбата со Макрон бил споделен оптимизмот за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес. „Во наш интерес е влијателни лидери како што е францускиот претседател да ни бидат поддршка на нашиот пат кон ЕУ“, вели Ковачевски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема