1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Средба Бајден-Шолц: Во фокусот воената помош за Украина

СН | АРД
10 февруари 2024

„Без поддршката на САД и Европа, Украина нема шанси да ја брани сопствената земја“, изјави германскиот канцелар по средбата со претседателот на САД. И двајцата го повикаа Конгресот да ја ослободи помошта за Украина.

https://p.dw.com/p/4cFPy
Канцеларот Шолц и американскиот претседател Бајден на состанок во Вашингтон на 9 февруари, 2024 година
Канцеларот Шолц и американскиот претседател Бајден на состанок во Вашингтон на 9 февруари, 2024 годинаФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден изрази оптимизам дека американската воена помош за Украина ќе остане  во сила. Шолц предупреди дека способноста на украинската војска да ја брани сопствената земја во војната ќе биде загрозена доколку не успее да се постигне соодветна одлука во американскиот Конгрес. Ова предупредување Шолц го даде по средбата во Овалната канцеларија во Белата куќа која траела околу час и 45 минути.

„Затоа двајцата сме цврсто уверени дека тоа мора да се случи сега, но, исто така, сме оптимисти оти американскиот Конгрес на крајот ќе донесе таква одлука. Тоа би била и вистинска порака до рускиот претседател Владимир Путин дека неговите надежи за намалување на западната воена помош за Украина се залудни“, рече Шолц.

Шолц и Бајден преземаат иницијатива

Соединетите Американски Држави и Германија се убедливо најважните доставувачи на оружје за Украина. Шолц ја проценува вредноста на испорачаната и ветената воена опрема од Германија на повеќе од 30 милијарди евра. САД го наведуваат обемот на својата воена помош од 44 милијарди американски долари (околу 41 милијарда евра).

Соединетите Американски Држави и Германија се главните снабдувачи со оружје на Украина.
Соединетите Американски Држави и Германија се главните снабдувачи со оружје на Украина.Фотографија: Alexei Konovalov/TASS via picture alliance

И Шолц и Бајден во моментов се соочуваат со различни предизвици во одржување на помошта. На почетокот на годината, канцеларот покрена иницијатива да ги охрабри земјите партнери на ЕУ, особено економски силните како Франција, Шпанија и Италија, да пружат поголема поддршка за украинската војска. Досега успехот беше ограничен.

Гласањето за Украина во сенка на изборната кампања

Бајден со месеци се обидуваше преку Конгресот да добие милијарди нова помош за Киев. Републиканците на поранешниот претседател Доналд Трамп го блокираат, но неодамна сигнализираа одредена подготвеност за овој потег, барем во Сенатот.

Сепак, решението сѐ уште не е на повидок. Во четвртокот, новиот пакет закони, кој вклучува 60 милијарди долари (56 милијарди евра) за Украина, ја помина првата формална пречка во Сенатот. Во моментов се водат преговори, а конечното гласање во Сенатот сѐ уште не е одржано. Дали тој пакет ќе помине во Сенатот - и уште поважно, дали ќе има шанса во вториот парламентарен дом, Претставничкиот дом - сѐ уште е целосно неизвесно.

Со оглед на повеќемесечната внатрешна политичка блокада во САД, дури и минималните движења во моментов се гледаат како напредок. На состанокот со канцеларот во Белата куќа, Бајден рече дека неуспехот на Конгресот да ја ослободи помошта ќе значи „криминална небрежност“.

Бајден, исто така, го пофали придонесот на Германија во меѓународната коалиција за помош . Обраќајќи му се на Шолц, тој рече: „Направивте нешто што никој не мислеше дека може да успее: ја удвоивте германската воена помош за Украина оваа година“. САД сега мора да го направат својот дел.