1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мора ли да се биде слаб, за да се биде убав?

Горан Чутаноски28 март 2008

Проблемот со изгладнувањето од естетски причини особено ги погодува младите и тоа најчесто оние од „поубавиот пол“. На анорексијата, како и на причините и последиците од неа им ја посветуваме оваа рубрика.

https://p.dw.com/p/DWW2
„Мора ли уште да ослабам?“ Млада девојка критички ја набљудува сопствената фигура во искривено огледало.Фотографија: PA/dpa

Идеалот на убавината во Германија, но и во другите земји на развиениот Запад, налага тенки тела со издолжени раце и нозе речиси како од некој научно-фантастичен филм. Такви се манекенките на модните писти кои уживаат слава и внимание, такви се актерките во филмовите, такви се богатите и моќните во овој свет. Па нормално дека сите жени ќе посакаат да бидат такви.

Според сознанијата на Лекарската комора во германската покраина Долна Саксонија дури две третини од жените помлади од 18 години веќе држеле диета – барем еднаш, а мнозинството и повеќе пати. Секако од воведувањето режим во исхраната па до патолошко слабеење често лежат светови. Многу важна улога игра и мотивацијата. Но, под притисокот на медиумите и несигурноста што ја носи забрзаното темпо на глобализацијата преминот од здрава диета во патолошко самоизмачување се случува многу брзо и често незабележано.
Лизгав терен „И јас држев диета и тоа така што на почетокот не јадев ништо.“„Поради групниот притисок, повеќето се толку тенки, па и јас посакав да бидам таква. Се чувствував предебела кога стоев покрај нив, така витки.“„Човек ги гледа тенките манекенки и си мисли – колку убаво изгледаат тие.“
Овие девојки, како и повеќето нивни врснички, ги сметаат тенките и витки тела за подлога за поголема самодоверба и со тоа гаранција за успех во животот. Логиката за жал и не е толку погрешна. Колку повеќе некој му се доближува на актуелниот идеал на убавина, толку повеќе внимание добива, толку повеќе почит, често пари, па и други привилегии. Но, решавањето на проблемите и амбициите преку физичкиот изглед крие во себе големи опасности. Се’ до онаа што за многумина завршува дури и фатално – анорексијата.
Што велат лекарите?
Лекарката Катрин Имбиерович од Клиниката за психосоматска медицина во Бон ја дефинира анорексијата како психосоматско заболување. Погодените лица држат се’ построги и построги диети, се’ до фазата кога потполно ја отфрлаат храната. Некои од нив поради ваквиот патолошки развој губат и до половина од природната тежина, но и тогаш се чувствуваат предебели. Кога болеста ќе се развие до ваквата симптоматологија – најчесто е предоцна.
Покрај наследниот фактор и можните психички проблеми, важна улога игра и социјалното опкружување, појаснува лекарката Катрин Имбиерович: „Општествениот притисок игра голема улога во развојот на анорексијата. И тој доаѓа пред се’ преку медимите. Она што го гледаме на телевизија, во весниците, на сите страни сме опкружени со слики на витки жени. Тоа меѓутоа е во голема противречност со нашата реалност. Таа во индустриските земји покажува голема тенденција кон претерано дебелеење. Значи, идеалот на убавината станува се потенок, а реалноста се’ подебела и во тој расчекор особено младите неоформени лица лесно можат да го загубат компасот.“
Луиза го загуби компасот на 14 години
Како посебно загрозена група се сметаат девојките во периодот на пубертетот. За тоа сведочи и Луиза, која имаше проблеми со анорексија на 14-годишна возраст.
„Сето почна затоа што не бев доволно интегрирана во школската средина. И така си мислев дека со слабеењето ќе добијам повеќе внимание. Другите девојки во моето одделение кои имаа проблеми затоа што беа преслаби исто добиваа повеќе внимание. И така, кога ќе видите дека нешто успева, тогаш и самите го правите, без многу размислување. По некое време човек веќе ни не знае од каде почнало сето...“
Кога Луиза дојде до критичната тежина од само 39 кг, родителите презедоа драстични мерки. Од страв да не заврши на клиника, таа почна повторно нормално да јаде. Но, таквиот среќен случај е редок. Повеќето млади жени кои еднаш западнале во вителот на патолошкото слабеење, не успеваат самите да се извлечат. Истото е и со машките, иако тие се многу ретки. Според статистиките 95% од сите лица што страдаат од анорексија се жени.
Ни мажите не се поштедени
Хајко смета дека проблемите со анорексија кај него почнале поради недостатокот на самодоверба. Така губењето телесна тежина по некое време за него станало единствен извор на задоволство и чувство на успешност. Кога во шест часот наутро ќе застанел на вагата и ќе видел дека има помалку кила отколку претходниот ден, тогаш денот можел да донесе и многу неубави настани, но тој сепак се чувствувал добро и успешно. Така од неговите оброци полека исчезнувале сите продукти што ја зголемуваат телесната тежина и згора на тоа интензивно се занимавал со спорт: дури три пати на ден по два часа трчање или пливање. Конечниот резултат пред да заврши во болница бил 37 кг при висина од 173 сантиметри.
„Таму за прв пат по неколку месеци јадев леб со сирење. Тоа ми беше толку вкусно што не можам да ви опишам. Тоа беше како вистински спас. Во моментот кога лекарот ми рече: мораш да јадеш, тоа за мене беше огромно ослободување. Смеам да јадам!“
По шестмесечен третман во специјализирана клиника, Хајко се сметаше за излечен. Но, ноќта пред да биде отпуштен – тој се обиде да си го одземе животот. Неговата психа не можеше да се соочи со новата, нормална телесна тежина без поддршката на лекарите. Така целиот процес на враќање во нормалниот живот всушност потраа цели две години. Во меѓувреме тој е здрав и вака ја билансира таа фаза од животот: „Научив дека телото е нешто споредно, она што е важно, тоа е внатрешниот, душевниот живот.“
И политиката е алармирана
Луиза и Хајко спаѓаат во групата среќници, кои со помош на родителите или лекарите сепак успеале да го најдат излезот од ќорсокакот наречен анорексија, кој за секој десетти заболен меѓутоа завршува со смрт. Ако ништо друго, тогаш ваквите фатални последици ја натераа и политиката да стартува сеопфатна кампања. Пред три месеци акцијата во Германија ја лансираа три ресрони министерки од владата на Ангела Меркел.