1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја гранатираше јужнокорејски остров

23 ноември 2010

Заострување на односите меѓу Јужна и Северна Кореја. Земјите се практично на работ на војна, откако од комунистичкиот север беа испукани повеќе од 100 гранати врз остров од јужниот дел, кој се наоѓа на границата.

https://p.dw.com/p/QFlr
Ракети на внатрекорејската границаФотографија: AP

Најмалку четворица јужнокорејски војници и непознат број на цивили се ранети во серијата напади на севернокорејската тешка артилерија врз остров во јужниот дел на поделената држава. Состојбата во Јужна Кореја по нападите е драматична, велат агенциските извештаи. Според последните информации, државното раководство во Сеул е евакуирано во бункер од каде се анализира состојбата и се прават планови за следните чекори.

Südkorea Insel Yeonpyeong Konflikt mit Nordkorea
Фотографија: AP

Сведоци велат дека десетици куќи биле погодени од гранати на островот, а поголемиот дел од жителите во меѓувреме биле евакуирани. На островот се испратени ловци на јужнокорејската авијација, а целата армија е во состојба на зголемена борбена готовност. Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Тае Јунг потврди дека армијата возвратила на нападите со над 80 проектили. Тој процени дека причина за нападите од Северот можеби се воените вежби кои јужнокорејските сили ги одржувале изминативе денови во тој дел од земјата.

Јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг Бак изјави дека се обидува да спречи ескалација на инцидентите во поширок конфликт, но и се закани дека, доколку продолжат нападите Северот ќе се соочи со далеку пожесток одговор.

Заладување на односите меѓу Јужна и Северна Кореја

Односите меѓу двете држави, кои никогаш не потпишаа мировен договор по војната која заврши во 1953 година, во последниот период повторно се заладија, откако Северна Кореја продолжи со развивањето на својот нуклеарен потенцијал и беше обвинета дека торпедирала брод на јужнокорејската морнарица во водите на Жолтото море.

Südkorea Insel Yeonpyeong Beschuss durch Nordkorea
Фотографија: AP

Токму последните информации дека Пјонгјанг развил нови нуклеарни потенцијали, според некои проценки, е причината за новите тензии меѓу двете земји. Во регионот веќе неколку дена е американскиот специјален пратеник Стивен Бозворт, кој по состаноците во Јужна Кореја и Јапонија, денеска треба да разговара и со кинеското државно раководство. Бозворт ја отфрли можноста за продолжување на шест-партитните преговори за прекин на севернокорејската нуклеарна програма, се’ додека властите не прекинат со збогатувањето ураниум.

Во првата реакција по инцидентот Кина изрази загриженост поради нападите.

Автор: БГ/ АТ/ афп/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска