1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународен ден на децата

1 јуни 2010

Бројот на поплаки поради повреда на правата на децата во Македонија секоја година е во пораст. Во последно време, се зголемува и семејното и насилството во училиштата и на улица.

https://p.dw.com/p/NeUS
Фотографија: Petr Stojanovski

Правата на децата во Македонија се остваруваат согласно Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации и законска регулатива во Република Македонија. Според народниот правобранител Невена Крушаровска, децата во Македонија се‘ уште недоволно ги знаат своите права и обврски и уште помалку имаат знаења и вештини да ги распознаат повредите и најголем дел од нив не знаат на кои институции да се обратат и побараат помош. Затоа, тие веќе подолго време работат на едукација на децата во училиштата на овој план. Крушаровска со жалење констатира дека бројот на поплаките на повреда на правата на децата во Македонија секоја година е во пораст. "Најголем број од поплаките се однесуваат на правата на детето да одржува лични контакти со родителот со кој не живее, а во последно време во пораст е и семејното и насилството во училиштатата и на улица. Децата, односно родителите, поднесуваат поплаки во поглед на правата на децата во образованието, здравствената заштита, социјалните права и правата на децата со посебни потреби."

Mazedonien Land und Leute Medizinschule Pance Karagozov
Фотографија: Petr Stojanovski

Народниот правобранител вели дека затоа често бараат дополнување и измена на постојните и нови законски регулативи за заштита на детските права, а од Владата и надлежните институциии бара итна промена на состојбите:

"Врз основа на надлежните согледувања, со наши препораки се обраќаме до надлежните институции, до Владата на Република Македонија за преземање соодветни мерки за надминување на одредени состојби кои сме ги констатирале од нашите истражувања."

70% од децата не знаат за ниту едно свое право

Според најновите истражувања на Првата Детска Амасада во светот "Меѓаши" од Македонија, дури 70 % од децата во Македонија не знаат ниту едно свое право што е многу загрижувачки, појаснува Драги Змијанац. Според него, за своите права децата најчесто дознаваат во училиште, но многу малку од нив бараат помош од училишните психолози и педагози. Тој појаснува дека тие како невладина организација вршат притисок до надлежните институции за заштита на детските права.

"Вршиме притисок до сите институции, до полиција, до Центрите за социјална работа, до Јавно обвинителство, даваме редовно писмени преставки до Народниот правобранител кога се кршат правата на децата во државните институции да се стават сите и ние во функција на заштита на децата."

Поволни оценки, но и критики

Змијанац потсетува дека тие од името на 23 невладини организаиии од Македонија со учество на деца и нивни извештај за правата на децата од Македонија, во февруари годинава, на конференција во Женева добиле поволни оценки за извештај од страна на Комитетот за правата на децата. Но, оттаму до Владата и надлежните инститиции во Македонија, кои исто така биле присутни, биле поднесени и забелешки за кршење на детските права кои под итно треба да се поправат, посебно што се однесува до вклучување на децата во образованието, решавање на проблемот со децата на улица, со злоупотреба на детскиот труд, со отворање на прифатилишта за деца жртви на сексуална злоупотреба и педофилија и за регулирање на случаите на деца кои го немаат остварено правото на извод од матична книга на родените.

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
Фотографија: Petr Stojanovski

Сања Васиќ е седмооделенка во Основното училиште "Васил Главинов" во Велес и вели дека за правата на детето научила преку предметот Граѓанско образование во училиште, но и дека не знае дека ако има потреба од помош може да се обрати и до Народниот правобранител. Смета дека има среќно детство и не и‘ се нарушени детските права:

"Јас сите права ги имам, но има деца на светот на коишто им се прекршени правата, а колку што знам, најмногу им се прекршени правата на образование и правото да имаат свој дом."

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска