1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воз на помирување

24 мај 2010

Железничката линија меѓу Сараево и Белград, прекината речиси две децении поради војната, повторно функционира. Но, возот полн со симболика, во меѓувреме пристигна и во суровата реалност на Балканот.

https://p.dw.com/p/NUBt
Возот помеѓу Сараево и Белград е симбол на помирувањетоФотографија: picture alliance/dpa

Возот за Белград утре е откажан, најавува повеќе патем, шефот на Управниот одбор на босанската железница во Сараево. Вработените во железницата штрајкуваат, изјавува Нарцис Џумхур, кој потекнува од железничарско семејство и има уште малку до пензија. Додека пуши цигара и пие турско кафе, типично за оваа земја, Џумхур уверува дека тој не може да направи ништо, оти на неговите колеги платата им доцни по неколку месеци.

Zug Sarajevo Zagreb
Главната железничка станица во СараевоФотографија: Ljiljana Pirolic

Железничарите штрајкуваат

Владата, која е сопственик, вели дека поради економската криза едноставно нема средства за плати. Во истовреме, пак, железницата од бошњачко-хрватскиот дел на Босна и Херцеговина инвестира 70 милиони евра во нови експресни возови. Со нив, во иднина, времето на патувањето од Сараево за Белград треба да се намали на четири часа. „Нашата цел е да ги соединиме семејствата кои се разделиле поради војната или побегнале, како и да придонесеме за унапредување на односите меѓу деловните луѓе од овие три земји.“, вели Џумхур.

Нема доволен број патници

Symbolbild Flagge von Bosnien und Herzegowina und Republika Srpska
Добој е првата станица во српскиот кантонФотографија: DW

Од бошњачкиот дел на федерацијата железничката врска се одвива преку српскиот дел на Босна и Херцеговина и источниот дел на Хрватска до главниот град на Србија. На секоја граница, исто така и меѓу двата дела на Босна, се менуваат локомотивите и посадата. Патувањето трае цели осум часа и 45 минути, на делница од околу 450 километри. Билетот во еден правец не чини ни 17 евра. Не е чудо што железницата не може да ги исплати платите, вели кондуктерот Хајрудин кој денес патува со автобусот кој претставува замена за возот: „Овој воз економски не е исплатлив, оти не дава профит. Нема доволно патници за да се покријат трошоците за патот од Сараево до Белград. Повеќе станува збор за политика. Сепак, има полза поради поврзувањето на луѓето и народите, за да се изградат мостови меѓу нас.“ Бошњакот Хајрудин самиот не може многу да придонесе кон изградбата на мостови. Кондуктерот од Сараево никогаш не стигнува до Белград, оти го предава возот на босанско-српските колеги во Добој, првата железничка станица во српскиот кантон на Босна. Тој вели дека притоа нема проблеми, се‘ е формалност.

По еден вагон за секоја националност

Serbien Bosnien Balkan Versöhnungszug Hauptbahnhof von Belgrad
Возот патува до централната железничка станица во БелградФотографија: DW

Бучава и тропање во Добој. Локомотивата се спојува со вагоните. Моторот работи. Мажите во сино, на првиот перон, уште еднаш ја проверуваат документацијата. Господинот со црвениот качкет мавта. Машиновозачот полека го придвижува возот. Со еден час задоцнување, најпосле тргнуваат кон север. Овој Интерсити 258 обично има три вагони, по еден од бошњачко-хрватската, босанско-српската и српската железница. Поради штрајкот, денес недостига бошњачкиот вагон. Во возот има место за најмалку 150 луѓе, а сега седат само дузина патници. Во српскиот вагон со кафетерија, може да се купат пијалоци и грицкалки. Шефот на ресторанот, Раде, уште се сеќава на добрите стари времиња во железницата, пред војната во Југославија. Денес Раде нема да има гости: „Гостите се секогаш многу задоволни и жалат што возот е толку празен. Постарите лица уште се сеќаваат на времињата кога возот беше полн. Но, тогаш луѓето имаа работа.“

Тогаш - тоа се осумдесеттите. Состојбата во државата со повеќе народи - Југославија, се‘ уште беше добра. Сараево беше град домаќин на Зимските олимписки игри во 1984 година. Елегантниот „Олимпик експрес“, тогаш, во модерните пространи вагони пренесуваше деловни луѓе и туристи до Белград и назад. Војната во Босна започна во 1992 година. До крајот на војната во 1995 година, загинаа повеќе од 10.000 жители на Сараево, најголемиот дел од гранати и снајпери на босанските Срби, кои го држеа градот под опсада. Во Белград, повеќето луѓе ги затвараа очите пред случувањата, или немо ги следеа на телевизиските екрани.

Неколку гранични контроли

Karte Bosnien und Herzigowina deutsch Quelle: Wikimedia
Можно е да се обноват врските помеѓу народите

Денес, никој од патниците не патува од Сараево до Белград. Момир влегува во возот во Добој. Босанскиот Србин работи во железницата и може да се вози бесплатно: „Нашата царина, другата, потоа онаа во Србија... Возот често застанува, затоа патувањето трае долго, тоа е проблемот. Сепак, мора да бидеме поврзани, да патуваме во странство. Не можеме секогаш да живееме како да сме зад некоја ограда.“ Момир кој потекнува од градот Шамац, на хрватскиот брег на реката Сава, има само една кеса како багаж. Тој е единствениот кого го контролира хрватската гранична полиција. Додека ја менуваат локомотивата, на граничарите им јавуваат дека тој не е прогонуван воен злосторник.

По уште една контрола, интернационалниот брз воз се движи меѓу Сава и Дунав, полека, како регионален воз. Тој ден во Белград пристигнува вечерта, со еден час задоцнување, исцрпен од долгото патување. Наредното утро во Белград, активистот за мир Ненад Вукосављевиќ, кој е вклучен во процесот за помирување на Босна и Србија, изјави дека не ја гледа симболиката на помирување на овој воз: „Секако дека е можно воспоставвување врски и тоа независно од повторното спроведување на железничкиот сообраќај. Тажно е што патувањето со овој воз трае толку долго, и што толку пати мора да ја менува локомотивата. Сето тоа е повеќе одраз на сиромаштијата. Не сакам тоа да биде мерило за состојбата на односите меѓу нашите земји.“

Самиот Вукосављевиќ, како и повеќето Срби, Хрвати и Босанци, во регионот патува со автомобил.

Автор: Филип Славковиќ / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска