1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нова Зора“ за Македонците во Грција

10 мај 2010

Разговор со Димитри Јоану, главен уредник на весникот „Нова Зора“, месечник кој се занимава со македонското прашање во Грција.

https://p.dw.com/p/NJNF
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Јоану за Дојче Веле објаснува дека весникот е обид на македонското малцинство да го анимира македонското прашање во Грција, инструмент во битката на Mакедонците за сопствено потврдување во грчкото општество и прилог во демократизацијата на грчката држава.

Г-не Јоану како би го оцениле излегувањето во печат на весникот „Нова Зора“ на македонски јазик?

Весникот е претежно на грчки јазик бидејќи за жал голем број од Македонците кои живеат во Грција не знаат да читаат македонски. Сакаме постепено да печатиме повеќе текстови на македонски јазик, но сега засега 90 проценти од содржината е на грчки јазик. Овој весник е голем чекор за остварување на правата на Македонците во Грција во тој обид да бидеме соодветно информирани, бидејќи грчките медиуми не имаат изолирано целосно, ништо не кажуваат за нашите прашања, за нашите проблеми, за нашите барања. Со весникот сакаме да ја подобриме таквата слика.

Што донесува првиот број, што е сега најактуелно за Македонците во Грција?

Весникот не содржи само актуелни политички и економски теми, туку историја, култура, предавања за тоа како да се учи македонскиот јазик, хумор, песни, критики, коментари. Во овој број една од главните теми е случајот што го добивме на солунскиот суд во кој беа тужени двајца грчки новинари кои не клеветеа дека сме агенти платеници. Судскиот спор траеше неколку години, го добивме, казнети се условно со казна затвор, го сметаме за голем успех бидејќи ова е прв пат грчки суд да суди во наша полза.

Дали излегувањето на весникот е дел од битката на Македонците во Грција за нивните права?

Секако е силен алат, бидејќи Македонците, за да го зачуваат јазикот, немајќи училишта на мајчин јазик, да го задржат Македонците од Костур до Сер контактот меѓу себе, треба да имаат средство како што е весникот, како што е веб сајтот, за да можат да комуницираат, да разменуваат идеи, да се запознаваат да разменуваат идеи, и да се изборат за своите права.

Дали Нова Зора освен национална идеолошка, има и пазарна цел?

Весникот се дели бесплатно. Не може да се најде во трафики и продавници. Се дели по кафулиња, ресторани, училишта, факултети, по куќи, по автобуски станици. Претежно се занимава со македонското прашање но има и локални теми, економски проблеми, демократизација на Грција.

Имавте ли проблем поради весникот, со тоа што македонското малцинство не е признато во Грција?

Поради членството на Грција во ЕУ, притисоците се прават под маса, не како порано. Притисоци има кон луѓето кои го подготвуваат и дистрибуираат весникот. Од типот, мисли за иднината на своето дете, внимавај да не ја загубиш работата, заканувачки пораки по електронска пошта. Во смисла ќе се најдеме да се пресметаме, престанете да го правите ова.

Кој го финансира весникот?

Најмногу ни помогаат нашите имигранти од леринскиот костурскиот и воденскиот крај во Австралија и Канада, потоа индивидуалци и македонски организации од Западна Европа, потоа луѓето кои работат во весникот, членови на Виножито, дури и некои грчки граѓани демократи.

Како би ја оцениле демократската состојба во Грција денес и каква е вашата визија во однос на македонското прашање?

Нашата визија е отворена Европа, европски институции што ќе функционираат демократски за сите граѓани. Демократска Грција без ксенофобија, расизам, сите да можат да си ја покажат својата различност. Сега работите не се воопшто добри на овој план во Грција, дури мислам дека состојбата се влошува. Ксенофобијата, разисмот, одбивноста кон различностите се зголемува.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски