1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот јазик во Грција има стабилна иднина

25 февруари 2010

Професорот по јужнословенски јазици Кристиан Фос во интервју за Дојче веле предвидува оптимистичка иднина за македонскиот јазик во Грција: кај младите Македонци повторно се јавува интерес за мајчиниот јазик.

https://p.dw.com/p/MAcX
Професорот Кристиан ФосФотографија: DW

Словенски дијалекти денес во Грција се зборуваат во голем дел од земјата, од Костур во западниот дел на Грција, па се‘ до областа Кавала во источниот дел на земјата. Тоа е областа што денес се нарекува Грчка Македонија. Овде живеат околу 200.000 луѓе со словенско потекло, но само мал дел од овие луѓе го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик, вели за Дојче веле професорот по јужно-словенски јазици и културолошки студии на Хумболд Универзитетот во Берлин Кристиан Фос:

„Во изминатите векови, поточно од 1913 година, кога овие области беа интегрирани во грчката држава, воедно беше спроведена една помалку или повеќе репресивна асимилација. Претопувањето на населението доведе до тоа родителите да зборуваат со своите деца само на грчки јазик. За поголемиот дел од Македонците во Грција јазикот уште во тоа време изумрел.“

Грција е полиберална под притисок на ЕУ

Основната причина за изумирање на јазикот е всушност грчката државна политика, која го негира постоењето на македонското малцинство и на македонскиот јазик во земјата. Во минатото на луѓето им било забрането да зборуваат на нивниот мајчин јазик. Меѓутоа, со формирањето на политичката партија на македонското малцинство „Виножито“, како и на фондацијата „Крсте Петков Мисирков“, повторно се овозможува зачувување на македонскиот јазик и културна традиција во Грција:

„Во секој случај, можеме да констатиреме дека Грција во изминатите 20 години, се разбира, пред се’ и поради ЕУ, стана многу полиберална и на тој начин македонското малцинство доби нови слободи. Во овој случај особено станува збор за фолклорните прослави и пеењето песни на македонски јазик. Со векови беше строго забрането на прослави или свадби во селата да се пеат песни со словенски или македонски текст. Токму ова беше и централното барање на партијата „Виножито“ кон крајот на осумдесетите години, кое и навистина беше спроведено, пред се’ во областа Лерин, во непосредниот пограничен регион“-објаснува професорот Кристиан Фос.

Недостасуваат училишта за одржување и развој на македонскиот јазик во Грција

Interkulturelle Schule Bild 3
Училишта се неопходни за развој на еден јазикФотографија: Ludolf Dahmen

Училишта за сега нема, единствено има приватни иницијативи, вели Фос. Партијата или културното здружение се снабдуваат со книги и во семеен круг ги учат децата да го зборуваат јазикот: „Сум бил во повеќе семејства, освен тоа имам многу пријатели во тој регион. Книгите од кои учат децата, се од Република Македонија. Други печатени книги нема, а македонскиот стандарден јазик е многу сличен на дијалектите од Лерин. Тој слободно може да се смета за сопствен литературен јазик. “

Професорот Кристиан Фос од 2000 до 2005 година работел на студија за македонскиот јазик во Грција. Тој се обидел да го истражи процесот на изумирање на македонскиот јазик. На крајот дошол до констатација дека постои еден вид рамнотежа. Имено, иако постои асимилација, сепак се појавува нов интерес кај младите за јазикот и културата: „ Јас сум научник, ги истражувам јазиците и мене лично ме интересира како една група, која зборува двојазично, се поинтензивно се претопува и зборува само на еден јазик. Потоа ги истражував однесувањата на различните полови и каква улога играат староста и социјалната положба во овој процес. За време на истражувањето можев да констатирам, дека постои одредена динамика, но се соочив и со неколку противречни искуства. Така на пример, од една страна гледаме млади родители , во конкретниов случај тоа се мајките, кои едноставно се откажуваат да им го пренесат мајчиниот јазик на своите деца, од друга страна , пак, имаме еден вид „ривајвл“ –оживување, односно нов интерес да се запознае културата, обичаите, песните и ората на родителите и дедовците. Затоа не гледам причина да бидеме песимисти, дека на јазикот му се заканува изумирање“, вели професорот Фос.

Борба за зачувување на македонскиот јазик

Ein Buch in mazedonisch
Децата во Грција учат од македонски книгиФотографија: DW

Факт е дека постарата генерација го негувала и се’ уште интензивно го зборува македонскиот јазик, меѓутоа во втората и третата генерација Македонци, јазикот се‘ помалку се зборува: „Постои процес на асимилација, односно промена на јазикот. Првата генерација многу добро го зборува македонскиот дијалект. Меѓутоа овие луѓе, за жал, никогаш не оделе на училиште. Тие нивниот мајчин јазик го учеле само од зборување, никогаш не читале, ниту пишувале на македонски јазик. Потоа ја имаме втората генерација, која веќе посетувала грчко училиште и која зборува два јазици. Меѓутоа оваа генерација се одлучува за асимилација, а нивните деца зборуваат само грчки. Јас познавам голем број луѓе, кои се и активисти во партијата „Виножито“, кои не го учеле македонскиот како мајчин јазик, туку уште како деца се интересирале за него и со помош на книги макотрпно го учеле јазикот на нивните родители и дедовци.“

Дел од европскиот идентитет е да се негува и поттикнува повеќејазичноста и културната разновидност во Европа. За таа цел ЕУ става на располагање голем број ресурси. Затоа гледам добра основа и покрај национализмот и иредентизмот да се негуваат помалите јазици, смета професорот Фос. Што се однесува до негувањето на македонскиот јазик тој има конкретна идеја:

„ Јас би сакал да бидат ставени на располагање познати стрипови, телевизиски емисии или радио програма на македонски јазик во Грција за да се привлечат и младите луѓе и да се поттикне нивниот интерес за јазикот. Имено, македонскиот јазик досега за нив е поврзан само со бабите и дедовците или пак со народни песни. А тоа се работи, кои за младите луѓе меѓу 15 и 18 годишна возраст, не се воопшто, како што би рекле тие, во тренд. Тоа е општ проблем со кој се соочуваат и други помали јазици, како на пример јазикот на Лужичките Срби во Германија или пак, германскиот во Шлезија. Нивната култура важи пред се’ за култура на нивните баби и дедовци. А, тоа е сосема конзервативно и неинтересно за младите генерации.“

Каква е иднината на македонскиот јазик во Грција по десет години?

Griechenland Flagge
Грчката влада не го признава македонското малцинство во земјата

Професорот Фос предвидува стабилна и оптимистичка иднина: „Ситуацијата, би рекол, ќе биде релативно стабилна. Имаше големи репресии во Втората светска војна, потоа имаше големи репресии по војната и уште еднаш во шеесетите години со хунтата. Меѓутоа, во последните 20 години, ситуацијата многу се либерализираше. Сметам дека сега се’ зависи од самата малцинска група, како ќе го користи слободниот простор од страна на грчката влада, како ќе се организира и како ќе доаѓа да ресурси од ЕУ. Освен тоа, прашање е дали ќе успее внатре во групата да ја докаже атрактивноста за сопствениот јазик и култура. Како што веќе кажав, слободен простор за такво нешто има, само втората и третата генерација Македонци треба правилно да го искористат тој слободен простор за делување“, вели за Дојче веле Кристиан Фос, професор по јужнословенски јазици и културолошки студии на Хумболд Универзитетот во Берлин.

Автор: Бисера Огњановска Митров

Редактор: Жана Ацеска