1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патниците им избегаа на возовите

20 февруари 2010

Македонските возови денес најчесто превезуваат стоки. Товарниот сообраќај ги покрива загубите на патничкиот. Цените на билетите се ниски, вагоните се стари и валкани. Со воз патува единствено оној кој нема друг избор.

https://p.dw.com/p/M6Ys
Железничка станица СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Со свирчето и кренатата сигнална лопатка отправникот Горан на железничката станица Лисиче му дава дозвола на локалниот воз од Велес кон Скопје да го продолжи патот кон крајната дестинација. Со домаќинот на ова патешествие, Јовица Трајановски од одделот за односи со јавноста во Македонски железници се качуваме во еден од вагоните на композицијата која железничарите и патниците ја нарекуваат Горбачов. „Се возиме во електро моторен воз популарно наречен Горбачов оти е купен во негово време“, вели Трајановски.

Ефтини билети, но патници нема

Zugwagon in Albanien
ВозФотографија: DW

Пред да влеземе во возот чекавме во празна соба на која пишува чекалница, но во неа нема ниту греење ниту на што да се седне. Патувањето што трае помалку од еден час чини само 70 денари. Повратен билет 120 денари. Цената е премногу ниска но веројатно е прилагодена на услугата. Првата слика за железничкиот транспорт во Македонија не е многу привлечна. Студени и валкани вагони. Полупразни седишта. Основното превозно средство во Европа, во Македонија ги загуби своите патници. Ако во 90-тите години со воз патуваа околу пет милиони луѓе годишно денес таа бројка е значително помала. Во 2009 вкупниот број на патници изнесува милион и петстотини илјади. Денес со воз патува само оној што мора. „Се работи за една социјална категорија на патници или пак студентите“, вели Трајановски.

Возовите имаат големи слабости

Скопје има директна врска со три дестинации во меѓународниот сообраќај: Солун, Белград и Приштина. Во локланиот сообраќај се пуштени 17 возови. Во вагоните нема туристи, тие возот го заменија со авион. Нема ниту деловни луѓе. Поради брзината и конфорот, тие патуваат со автомобил. Како утеха на патниците кои му останаа верни на возот им останува фактот дека иако не е најбрз, секако е најевтин превоз. Возовите се движат бавно, просечната брзина е 80 километри на час, прилагодена на состојбата на шините. Редовните патници се жалат дека возовите доцнат. Сепак најмногу им пречи нехигиената. „Особено тоалетите се катастрофа. Се навикнамне на нехигиена. На прво место е нехигиената, потоа доцнењето и редовноста“, велат патниците.

Hauptbahnhof in Skopje, Mazedonien
Чекалница на Железничката станица во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Во Македонски железници се свесни за своите слабости. Возовите се стари по неколку децении. Патничкиот сообраќај создава загуби кои се надополнуваат ако профит создаде товарниот сообраќај, а тоа не е лесно во време на криза. Сепак не губат надеж дека патниците ќе се вратат во возовите. Во долгорочните програми е забележано дека македонски железници треба да се адаптираат на ерата не брзите и модерни возови и да бидат дел од глобалниот инфрастуктурен европски транспорт.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска