1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарија е во тесно

3 февруари 2010

Германија го купува ЦД-то со банкарски податоци за затајувачи на данок, а швајцарската јавност е вознемирена. Се зборува за „скандал“, за „модерна форма на кражба во банка“ и дури и за „објавена војна“.

https://p.dw.com/p/Lpef
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателот на швајцарските демохристијани Кристоф Дарбелеј смета дека ова е скандал. За него е неверојатно што претставници на сестринската партија од Германија и пред се’ канцеларката Ангела Меркел сакаат да се впуштат во зделка со украдени банкарски податоци: „Ако една правна држава работи со купени и истровремено украдени податоци, тоа за мене е неприфатливо.“

„Грабеж на банка“; „Објава на војна“

Тони Брунер, претседателот на швајцарската Народна партија, чиј политички татко е десниот популист Блохер, избра уште поостри зборови: „Ова е објавување војна на Швајцарија. Ако за Германија повеќе тежи соработката со еден злосторник отколку со пријателска соседна држава, тогаш меѓусебните односи мора темелно да се преиспитаат.“

Bankenviertel in Zürich
Банкарскиот кварт во ЦирихФотографија: AP

Пирмин Бишоф, финансиски експерт од редовите на швајцарските демохристијани за швајцарскиот јавен радио-сервис изјави дека ова е модерна форма на грабеж на банка. Министерот за финасии Ханс Рудолф Мерц вчера во телефонски разговор јасно му кажал на неговиот ресорен колега Волфганг Шојбле дека Швајцарија нема да соработува врз основа на украдени податоци.

За Швајцарија во игра е многу

Германските граѓани вложиле во швајцарските банки далеку повеќе од 100 милијарди евра неоданочени пари. Да се изгубат овие пари ќе биде тежок удар за Швајцарија. Со оглед на милијардите неоданочени пари, експертот за државно право Петер Хени од Фрајбург смета дека е чудно што Швајцарија бурно реагира за наводно противправното однесување на Германија: „За Швајцарија не е сосема едноставно, бидејќи со години се впушташе во не сосема чисти зделки со даночните обврзници од Германија и други држави. Сега со подигнат прст да се вели ’ние се залагаме за правна држава’ не остава многу веродостоен впечаток.“

Џокер во рака

Но, Швајцарија има уште еден џокер во рака, а тоа се преговорите за новиот договор за двојно оданочување со Германија, кои се во тек. Со тој договор треба да се регулира како Швајцарија во иднина ќе им помага на германските финансиски служби во случаи на затајување на данок. Кристоф Дарбелеј сега се залага да бидат прекинати преговорите: „Во земја, која вака се однесува, не можеме да се потпреме.“

Symbolbild Obama will das Schweizer Bankgeheimnis kippen
И САД бараат банкарски податоци од ШвајцаријаФотографија: DW/AP

Но, и покрај сите одбрани, за Швајцарците станува тесно. Американците минатата година побараа да им бидат предадени повеќе илјади податоци на клиенти во UBS-банката. Италијанците преземаат драстични мерки против финансискиот центар Тесин. Франција има ЦД со податоци од Женевската филијала на банката HSBC. А сега на повидок е конфликт и со Германија. Петер Хени, смета дека Швајцарија во изминатите децении пропуштила да се погрижи за ред во сопствената куќа, затоа сега доаѓа притисок од надвор, кој Швајцарија нема да може да го да го издржи: „Не верувам дека Швајцарија како финансиски центар има иднина, ако се обидува да гради бизнис модели кои се застарени. Мислам дека тоа го знаат швајцарските банки,“ вели експертот по државно право Хени.

Автор: Паскал Лехлер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска