1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканскиот рис го има само во Македонија

7 јули 2009

Истражувањето од организацијата за заштита на природата „Евронатура“ во пограничната планинска област меѓу Македонија и Албанија, покажа дека балканскиот рис преживеал само во Македонија.

https://p.dw.com/p/IidG
Фотографија: dpa

Планинската област, што е и онака тешко пристапна, од двете страни, речиси херметички, ја затвораат патролите на пограничните единици на Македонија и Албанија. Така во еден дел од регионот, кој се простира околу Албанија, природата остана речиси недопрена. На раководителот на „Евронатура", Габриел Швадерер, му беше веднаш јасно дека балканскиот рис би можел само тука да преживее, на границата со Албанија. Ловци и селани од планинските села му раскажуваа на научникот за грабливото животно, што живее во шумите на овој регион. Тие му кажаа и дека понекогаш се случува некој рис да заврши под тркалата на автомобил.

Никој не знаеше колку животни од овој редок вид преживеале, се’ додека во пролетта 2008 година заштитници на природата од регионот, заедно со швајцарската организација за испитување на грабливи животни „Кора“ и „Евронатура“ и потпомогнати од швајцарската Фондација за заштита на природата „Мава“, поставија 64 камери во националниот парк Маврово на македонската страна. Во март и април фото-стапиците забележале 29 риса. Животните ги сликаа од две страни, па така специјалистите можеа да препознаат различни единки според особеностите на крзното. „Судејќи според сознанијата, пет до седум рисови живеат во областа што ја набљудуваме. А таа е голема околу 400 квадратни километри, колку половина Берлин“, вели Швадерер. Со тоа беше јасно дека балканскиот рис преживеал.

Не падна рис во фото-стапиците во Албанија

UNESCO Biosphärenreservat Bayerischer Wald, Luchs
Во Маврово камерите уловија 29 риса, а во Албанија ниту еденФотографија: Nationalpark Bayerischer Wald

Специјалистите со нетрпение ги чекаа резултатите од фото-стапиците што беа поставени во март и април годинава во националниот парк Шебеник–Јабланица во Албанија. Нив ги поставија припадници на партнерската организација на Фондацијата за заштита на природата „Евронатура“ во Албанија. Проектот доби финасиска поддршка и од германската авиокомпанија Луфтханза. Резултатот од тамошните фото-стапици беше разочаруваки. Тие не снимија ниту еден рис.

Тоа покажува дека во Албанија живеат многу помалку рисови отколку во Македонија. Професорот за хидрологија и биодиверзитет Спасе Шумка, кој инаку и приватно повремено води проекти за албанската организација за заштита на природата, верува дека ја знае причината. Со цел да се снабди со електрична енергија, во тоа време изолираната Албанија, од 1970-та започна засилено да ги сече шумите во земјата. Со тоа исчезна домот на срната, најважниот плен на рисот. Кога во 1997 година за време на едно народно востание државниот систем комплетно се распадна, дивите ловџии ги уништија и последните срни и планиски кози. Тие ги истребија животните во националниот парк Шебеник–Јабланица. Додека овие животни што преживеаа во соседна Македонија повторно да се доселат во Албанија ќе потрае уште неколку години.

Ваков фото-мониторинг повторно е планиран за пролетта 2010 година. Тогаш треба да се покаже дали некој од македонските рисови можеби го нашол патот што води за Албанија, се вели во текстот на Роланд Кнауер објавен во онлајн изданието на весникот „Франкфуртер Рундшау“.

Автор: „Франкфуртер Рундшау“ / Бисера Огњановска - Митров

Редактор: Александра Трајковска