1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидентите во Скопје повод за меѓупартиски пресметки

29 март 2009

Политичките партии од македонскиот блок меѓусебно се обвинуваат за инцидентите на плоштадот во Скопје. Кој е виновен и од каде доаѓаат ваквите тензии и провокации?

https://p.dw.com/p/HM8w
Централниот плоштад во Скопје каде се случија инцидентитеФотографија: DW

Во зовриената изборна атмосфера на политиката и е лесно да испровоцира инцидент. Особено ако како повод искористи една чуствителна тема како меѓуетничките односи во мултиетничка Струга или пак спротивставените мислења на скопјани по прашањето - треба ли на централниот плоштад да се гради црква? Во Скопје се крена тензија токму кога почна да стивнува нервозата во Струга.

Група студенти од архитектонскиот факултет кои протестираа против намерата на владата да изгради црква на плоштадот во Скопје беа нападнати од група луѓе кои се претставија како верници.

Меѓусебни обвинувања

Политичарите го искористија инцидентот како повод за меѓусебна пресметка. Премиерот Груевски го осуди насилство и ја обвини опозицијата за инцидентите. Премиерот не негира дека во групата поддржувачи за градењето на црквата имало активисти на ВМРО-ДПМНЕ, но вели нивниот собир бил спонтан и немало организација.За него друг е виновникот:

„Па мислам дека се работи за проект на Мирослав Грчев, којшто е директно против сите проекти на Владата. Тој е член на СДСМ, беше градоначалник на Центар, на времето од СДСМ, и тој се спротивставува на секој проект којшто го прави Владата, којшто ќе го промовира Владата, и се обидува во вакви времиња на избори да му помогне на СДСМ. Тоа е мое лично мислење, не мора да е така, но јас сум длабоко убеден во тоа“, изјави Груевски.

Мирослав Грчев негира дека стои зад протестите на студентите. „Спонтано само-организирање на студентска младина, којашто очигледно беше во една мала, симболична бројка, со едни питоми протестни пораки, беше згазена и физички нападната од добро организирана фаланга на верски и партиски фундаменталисти“, изјави Грчев.

Реагираше и СДСМ. „На Македонија и се случи фашизам во режија на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Груевски, Јанкуловска и ВМРО-ДПМНЕ, немаат право затскривајќи се зад крстот и божјото име, да ги тепаат македонските граѓани , како што веќе ги тепаа и млекарите“, вели Макрадули.

Собирањето на студентите беше најавено кај властите, додека собирањето на луѓето кои бараат изградба на црква на плоштадот официјално е означено како спонтан собир.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Невена Георгиевски