1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затрупани две лица под урнатините на архивот во Келн?

Јохен Хилгерс, Агенции / З. Јордановски4 март 2009

Според спасувачките екипи, речиси и да нема шанса некој да преживеал под урнатините на градскиот историски архив во Келн и двете соседни згради. До сега не се утврдени ниту официјалните причини за несреќата.

https://p.dw.com/p/H5F6
Урнатата зграда во КелнФотографија: picture-alliance/ dpa

Шефот на пожарникарите, Штефан Нојхоф вели дека шансите да има преживеани под урнатините од градскиот архив и двете соседни згради, се „блиску до нула“. Додуша се’ уште не е со сигурност утврдено ни дали двете лица коишто се водат како исчезнати се наоѓале во една од урнатите станбени згради во времето на несреќата. „Можеме само да се надеваме дека тие не се наоѓаат под урнатините. Поради нестабилната подолога не можеме веднаш да започнеме со спасувачката акција, поради што се’ помали се шансите да спасиме некого ако се наоѓа овде, “ вели Нојхоф.

Во текот на ноќта, а и денеска продолжуваат работите за стабилизирање на почвата под урнатите објекти. Дури потоа пожарникарите ќе може вистински да започна со средување на теренот. За сега успеаја да пријдат до дел од визбата на архивот, од каде почнаа да вадат документи од непроценлива вредност, постари и од илјада години, кои сведочат за историјата на градот Келн и на рајнскиот регион.

Работниците спречиле поголема трагедија

Сведоци велат дека градскиот архив се урнал како кула од карти, како да станува збор за земјотрес. Архивот повлекол со себе и две соседни згради, а под урнатините се затрупани и повеќе автомобили. Непосредно пред уривањето посетителите и вработените во архивот биле предупредени од градежните работници што работат на изградба на подземната железница да го напуштат објектот. Една жена-сведок ги опиша драматичните настани: „Стоев на улица и токму зедов кафе, кога започнаа довикувањата. Работниците ни рекоа веднаш да го напуштиме местото. Соработниците истрчаа надвор од архивот. Уште еднаш се завртив и видов како фасадата се одвои од објектот. Паднаа првите прозорци. Потоа сите бегавме, а целата зграда се урна“.

И порано имало штети од изградбата на метрото

На градилиштето на новиот крак на подземната железница дошло до одрон на земјиште под објектот на архивот, и нужно мора прво да се стабилизира тој дел од теренот. Одронот, инаку, се наведува како можна причина за уривањето. И пред тоа имало проблеми со статиката. Властите во Келн ги отфрлаат прекорите за можни пропусти. Повеќемина експерти претходно го прегледувале објектот на кој се појавиле пукнатини и утврдиле дека тие не се опасни, велат надлежните од градот. Пред неколку години во близина на архивот се накриви една црква поради работите за изградба на метрото, но таа беше спасена и санирана.