1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желев: „Македонија и Бугарија имаат многу испреплетени односи“

Горги Папакочев11 април 2008

Поранешниот бугарски престедател, Жељу Желев во интервју за бугарската програма на Дојче Веле вели: „ Ние како демократи го прифаќаме тоа што Македонците сметаат дека се друга нација“

https://p.dw.com/p/DgAc
Жељу Желев

Желев: „Македонија и Бугарија имаат многу испреплетени односи“

Доктор Жељу Желев, поранешен претседател на Бугарија и денес претседател на Балканскиот политички клуб, за односите на Бугарија и Македонија, вели: „Работите се апсурдни и понекогаш сосема нелогични. Откако Бугарија прва ја призна Република Македонија, ја призна наспроти решението на ЕУ. Тогаш само Република Македонија не беше призната и тоа беше многу срамно зашто таа беше единствената што одговараше на сите услови и барања формулирани и напишани од страна на Бадентеровата комисија. Таа не беше призната поради ветото на Грција. Тогаш ние решивме да ја признаеме Република Македонија, независно од одлуката на ЕУ за што имавме две образложенија и и двете беа политички, или ако сакате политичко-историски. Меѓу Бугарија и Македонија уште од крајот на втората светска војна имаше многу испреплетени и противречни односи. Да не заборавиме дека ние бевме сојузници на Хитлер и фактички како такви влеговме во Република Македонија, иако народот тогаш ја пречека бугарската војска како ослободител. Освен тоа, во периодот на Коминтерната имаше безумни решенија – на територијата на Бугарија да има четири нации: македонска, тракиска, доброжанска и мизиска. Тука целта беше државата да се дестабилизира политички, со оглед на успехот на социјалистичката револуција. Тоа беше безумно, нации не се создаваат на таков начин. Имаше и други односи кои беа во процес на создавање. Сето тоа беше испреплетено во клопче што ние решивме да го пресечеме со меч – Бугарија прва и безусловно да ја признае Република Македонија како самостојна и независна држава. Се разбира истовремено ги признавме и другите бивши југослвоенски републики. Така кога се зборува дека Бугарија ја признала Македонија притоа имајќи задни намери, тоа не само што не е точно, туку е и многу навредливо. “

Желев на прашањето зошто и денес во Македонија има сомневања во однос на бугарската политика кон Македонија, одговара: „Затоа што таа држава сеуште не е на јасно со својот национален идентитет. Меѓу другото многупати не‘ обвинуваа: „Вие ја признавте државата Македонија и независноста, но зошто не ја признавте и македонска нација, зошто не го признавте македонски јазик? “ Јас неколкупати на прес конференции и овде и во Скопје, на новинарите им одговарав вака: „Пријатели разберете дека меѓународно-правно се признава државата и нејзината независност и суверенитет, плус територијалната целовитост. А, каква религија има, каква националност има, какви ентички групи има внатре, какви културни традиции, тоа е внатрешно прашање. Штом вие сметате дека сте друга нација, ние како демократи не можеме да речеме: „Не, вие не сте Македонци, вие сте Бугари“. Иако, велам, на голем дел од населението етничките корени му се бугарски. Но, едно е етносот, а друго е националното самосознание. Ние долго време сме живееле разделени , поради лошата волја на судбината и како последица од тоа има таква раздалеченост и оформена е поинаква свест. Штом вие сметате дека тоа е така, ние како демократи тоа го признаваме.“