1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Грција игра игри и купува време

21 јануари 2012

Македонскиот премиер Никола Груевски ја обвини Грција дека купува време во спорот околу името и го повика медијаторот Метју Нимиц да допатува во Атина и Скопје за да се продолжат разговорите за решение на проблемот.

https://p.dw.com/p/13niO
Никола Груевски: Храброст треба да има и Македонија, но и земјите на НАТО за да се прифати пресудата од ХагФотографија: AP

„Последната рунда разговори околу надминување на проблемот со името што го наметна Грција пред 15-20 години практично ги потврди моите претходни претпоставки дека Атина ќе се обиде само да купува време и да ја игра онаа игра ’плеј гејмс’ со која ќе сака да се претстави дека таа прави се’, прави многу напори да се реши проблемот, додека ние сме тие тврдите и непопустливи што не сакаме да го решиме проблемот“, изјави денеска македонскиот премиер Никола Груевски.

Според него, „беше јасно дека медијаторот Нимиц сакаше да дојде во Скопје и во Атина во текот на февруари“. Нимиц, според Груевски, дури и понудил два датума - на 4 февруари, или на 15 февруари, но од другата страна не наишол „на експанзивност“. „Еве јас и јавно потврдувам дека ние сме максимално подготвени и на 4 и на 15 февруари да го пречекаме, да го примиме и да разговараме, или на кој било друг датум што тој ќе го одреди во комуникација со Грција. Останува да видиме дали Грција ќе се согласи да го прими, бидејќи тој ако доаѓа, треба да дојде во двете држави. Тоа е вообичаена негова пракса. За да нема шпекулации, јас јавно ги потврдувам и двата датума и јавно го повикувам да отиде во Атина и да дојде во Скопје бидејќи така е договорено, прво во Атина па во Скопје, за да ги продолжиме разговориме“, рече Груевски.

Тој вели дека „жали што Грција се обидува на таков начин да купува време“. Околу грчките обвинувања за пародијата на Вевчанскиот карневал, премиерот оцени дека „наведувањето на вевчанските маски како причина да се одложат разговорите за надминување на еден од најголемите проблеми на Балканот, како и залажувањето на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ, не е ништо друго освен една поголема пародија отколку што е таа во Вевчани“.

Околу изјавите на американскиот заменик помошник државен секретар Филип Рикер, дека е потребно повеќе храброст за решавање на проблемот, македнскиот премиер одговори: „Се разбира дека ние ќе правиме се‘ да имаме поголема храброст, но исто така и другите земји-членки на НАТО треба да имаат храброст и да ја прифатат пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: А. Методијев