1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема датум за преговори со ЕУ

6 декември 2011

Нема отворање преговори со ЕУ до решавањето на спорот за името. Советот на министри на ЕУ рано утрово (06.12) донесе ист заклучок за Македонија како и на претходните четири состаноци.

https://p.dw.com/p/13NMq
Одлуката за датумот за преговори повторно се префрла на следното претседателствоФотографија: fotolia/macky_ch

Заклучокот е дека институцијата која треба да ги отвори преговорите со Македонија ќе се наврати на ова прашање за време на следното претседателство - данското.

„Советот ја дели проценката на Комисијата за задоволително исполнување на политичките критериуми и забележува дека Комисијата ја повтори својата препорака дека треба да бидат отворени пристапните преговори со Македонија. Советот е подготвен да се наврати на ова прашање за време на следното претседателство“, стои во документот усвоен во Брисел.

„Суштинско е одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи го и преговарањето за заемно прифатливото решение на прашањето за името, под покровителство на ОН“. Во документот стои и дека Советот очекува да види резултати за кратко време во дијалогот што се одвива на високо ниво.

Dossierbild EU Brüssel Bild 1
Советот на министри смета дека споровите во Западен Балкан треба да се решаваат според меѓународното правоФотографија: picture-alliance/dpa

Советот го поздравува натамошниот напредок во Македонија во клучните реформи и го поздравува подобрувањето во спроведувањето на парламентарните избори. Сепак, се укажува дека се потребни дополнителни напори за заштита и промоција на основните права, посебно правото на слобода на изразување во медиумите, независноста на судството, реформите во јавната администрација, борбата против корупцијата, како и подобрувањето на бизнис климата, што продолжува да претставува значаен предизвик.

Советот го поздравува свежиот импулс даден на реформскиот процес со новата влада и охрабрува да се интензивираат напорите во реформите. Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор останува суштински елемент на демократијата и владеењето на правото во земјата, стои во документот усвоен од Советот на министри.

Билатералните спорови да се решаваат според меѓународното право

Во заклучоците стои и дека европската перспектива останува суштинска за стабилноста, обновата и иднината на Западниот Балкан. Во еден дел се вели дека Советот „ја реафирмира потребата за фер и стриктни предуслови, во рамките на копенхагенските политички критериуми“ при приемот на земјите.

Исто така, во генералната оценка за Западниот Балкан стои дека земјите од „Западниот Балкан мораат да осигураат дека какви било спорови меѓу нив ќе немаат штетен ефект на нивната заедничка цел за напредок кон членството во ЕУ. Постоечките спорови и прашања треба да се решаваат во линија на меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и преку примена на правно-обврзувачки договори“.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска