1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов „нуклеарен“ транспорт, нова драма

25 ноември 2011

На пат кон Германија се наоѓаат 13 вагони со високорадиоактивен атомски отпад.Тој треба да биде превезен до привременото складиште во Гoрлебен во Долна Саксонија.Противниците на транспортот веќе се судрија со полицијата.

https://p.dw.com/p/13Gty
Возот со радиоактивен отпад ќе наиде на многу пречки на патотФотографија: picture-alliance/dpa

По насилните судири при протестите против транспортот на атомски отпад во областа Вендланд, во текот на ноќта било мирно, соопшти портпарол на полицијата во Линебург.  Во местото Метцинген, во Долна Саксонија вчера вечер околу 800 луѓе протестираа против транспортот на германскиот радиоактивен отпад од француската постројка за преработка во Ла Хаг кон Горлебен. 500 до 600 лица го блокираа магистралниот пат. Полицијата употребила водени топови и солзавец за да ја растури оваа блокада. Осум полициски службеници биле повредени откако демонстрантите со камења фрлале врз полицијата. Повредена е и една жена од демонстрантите, најверојатно од фрлањата со камења.

На пат кон Горлебен

Proteste gegen den Castor Transport nach Lubim Mecklenburg-Vorpommern Atom
Противниците на „нуклеарниот“ транспорт се неуморниФотографија: dapd

Се очекува возот со атомскиот отпад во текот на денот да ја мине француско-германската граница. Ова е првиот транспорт на радиоактивен отпад, откако германската влада донесе одлука за откажување од атомската енергија. Отпадот натоварен на 13 вагони најверојатно ќе биде складиран во привременото складиште за ваков вид отпад во Горлебен. Во областа Вендланд меѓутоа многумина стравуваат дека со транспортот на атомскиот отпад во ова привремено складиште, каде веќе има 100 садови со атомски отпад , ќе се зациментира можноста тоа да биде и крајно складиште на отпадот. 

Планови за конечно складирање на нуклеарниот отпад

Германија веќе извесен период бара соодветно трајно складиште за сопствениот атомски отпад, меѓутоа многу покраини се противат тоа да се најде на нивна територија. Исто така и отпорот кај граѓаните е голем. Освен притисокот одвнатре, германската влада сега се наоѓа под засилен притисок и од ЕУ. Советот на министри на ЕУ имено во јули годинава донесе закон според кој сите членки кои користат атомска енергија мораат да поднесат планови за конечното складирање на атомскиот отпад.

Автор: АТ/ ртр/ дв

Редактор: Симе Недевски