1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Панкот не е мртов“ награден на фестивалот во Карлови Вари

10 јули 2011

Македонскиот филм „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски е избран за најдобар во конкуренцијата на филмови „Источно од Запад“ на 46-от меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари.

https://p.dw.com/p/11sSu
Фотографија: Fotolia/Alexander Vasilyev

По доделувањето на наградата, режисерот за агенцијата Миа изјави дека е големо задоволство и инспирација да се добие награда во Карлови Вари. Посебно е задоволен зашто ја добива по сите, како што рече, тормозења во изминатите три години неизвесност, пред се’ поради проблемот со финансиите.

Symbolbild Filmregisseur
Фотографија: mipan - Fotolia.com

„Проектот се давеше неколку години од разни причини и мотиви, за на крај да се најдеме неколку луѓе и да го направиме со многу ентузијазам и со многу волја да се истрае. Тоа што бевме хендикепирани со многу мали средства се обидувавме да го надоместиме со страст и стопроцентна посветеност. Ова сигурно ќе ми биде последен ваков потфат, зашто многу чини, многу стресно ми поминаа три години“, рече Блажевски и додаде дека за следен проект нема да чека долго (како овој филм, снимен по речиси 20 години од претходниот) и оти идниот филм очекува да го работи под нормални услови. Според него, „Панкот не е мртов“ ќе патува на многу фестивали.

„Панкот не е мртов“ е третиот игран филм на Блажевски. Првиот негов игран филм беше „HI-FI“ од 1987 година. Блажевски е сценарист и на филмовите „Големата вода“ и „Џипси Меџик“.

Филмскиот фестивал во Карлови Вари постои од 1946 година се смета за еден од најстарите и најценетите. Влегува во „А“ категоријата заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно и Ротердам.

Автор: АТ/ миа/ макфакс

Редактор: Горан Чутаноски