1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата за Готовина „праведна и добра“

16 април 2011

Судскиот совет на Хашкиот трибунал го осуди генералот Анте Готовина и генералот Младен Маркач на високи затворски казни. Оваа судска одлука, во Берлин е оценета како праведна.

https://p.dw.com/p/10ubg
Анте ГотовинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Пресудата за бившиот генерал на хрватската армија Анте Готовина може да се сфати како позитивен знак во однос на напорите за членство на земјата во ЕУ, подвлекува претседателот на парламентарната група за Хрватска во германскиот Бундестаг, Хорст Мајер Хофер. Тоа е добар сигнал, оти процесуирањето на бившиот генерал беше еден од условите, кој Хрватска требаше да ги исполни за членство во ЕУ: „Разбирам дека тоа е многу чувствителна тема и разбирам дека луѓето имаат тешкотии да прифатат таква одлука, меѓутоа ако водите ослободителна војна, тогаш мора да ги почитувате основните правила, ако господинот Готовина ги прекршил правилата, тогаш сметам дека е правилно што за тоа е осуден.“

Пресудата е праведна, оцени и претседателот на Здружението за загрозени народи, Тилман Цилх. Со акцијата „Бура“ хрватската војска не само што стави крај на егзистенцијата на Српска Краина, Републиката основана во име на Слободан Милошевиќ и Радован Караџиќ, туку со „Бура“ за жал беа уништени цели села, населението беше растерано, а повеќе од шестотини цивили платија со живот, коментира Цилх. Тоа е злосторство, кое не може да се прости, и затоа пресудата мора да биде прифтена како праведна и добра, порачуваат од Друштвото за загрозени народи.

General Gotovina und Cermak
Готовина и ЧермакФотографија: dapd

Пресудата за бившиот генерал нема да промени ништо во однос на реформите, кои Хрватска ги спроведе во последните децении на патот кон ЕУ, вели берлинскиот политиколог Будо Вебер, меѓутоа предупредува оти таа ќе долее масло на огнот во актуелната политичка криза меѓу владата и еден дел незадоволно население, пред се’ хрватските ветерани, кои во последно време се’ почесто организираат демонстрации. „Процесот на соочување на хрватското општество со неодамнешното минато не е завршен процес. Таа амбивалентност ќе остане и кога Хрватска ќе биде членка на ЕУ“, смета Вебер.

Автор: Селма Филиповиќ / Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев