1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бугарија немало турско ропство

3 март 2011

Бугарската историографија, како и сите други на Балканот, е оптоварена со митови и предрасуди. За голем број историчари, историјата е како супермаркет од кој го земаат само она што во дадените околности им одговара.

https://p.dw.com/p/10Ssj
Историјата во Бугарија и на Балканот треба да се ослободи од митовитеФотографија: Fotolia

Историчарот Крсто Манчев од Институтот за балканистика при Бугарската академија на науки, вели дека бугарската историографија, како и сите други на Балканот, е оптоварена со митови и предрасуди. Професорот долго време ги истражува настаните од 19. и 20. век во Бугарија и на таа тема има објавено повеќе книги и статии кои драстично се разликуваат од она што претставува некаква утврдена вистина во бугарската историографија.

Во Бугарија денеска се празнува најголемиот национален празник - Денот на ослободувањето, 3 март. На овој датум, во 1878 година, е потпишан Санстефанскиот мировен договор, со кој Бугарија тргнува на патот кон целосна сувереност по повеќевековното турско ропство. Самиот датум на одбележувањето на празникот е спорен за многумина, и во Бугарија и во соседните земји, но за некои бугарски историчари спорни се и податоците кои долго време кружат во тамошната историографија како неспорни факти.

Дали Бугарите денес се подготвени да ја слушнат вистината или им е полесно да се кријат зад митовите на национализмот?

„Се плашам дека не се подготвени да ја прифатат реалноста, таква, каква што навистина била“, вели Манчев и додава:

„За тоа да се промени треба да се појават научни трудови. Досега нашата историографија страдаше од разни пристрасности. На една страна беше идеолошката пристрасност, а на другата - националистичката. Од националистичка пристрасност страдаат и нашите соседи - секој се фали себеси и ги проколнува другите држави.“

Турското ропство е мит

Манчев, меѓу другото, спори со тезата дека Бугарија била под турско „ропство“, односно дека ропство како такво постоело во земјата која со векови била под владеење на османлиската империја. Веројатно истото може да се каже и за сите останати балкански држави кои во својот наратив го имаат прифатено овој термин.

Stadtansicht Sofia
СофијаФотографија: picture-alliance/Bruce Coleman/Photoshot

„Ние сме ја прифатиле Османлиската империја таква каква што ни‘ ја претставиле нашите преродбеници, а потоа и официјалната историографија. Но тоа се митови, а вистината е поинаква. Точно е дека рајата била зависна, но зависност и ропство се две различни работи. Роб е оној кој нема сопственост, а нашите селани имале сопствени ниви, дворовите им биле полни со деца и со стока, поседувале имот и патувале низ целиот свет. Бугарите можеле да отвораат дуќани, да развиваат занаети, да тргуваат. Меѓу нив имало и некои многу богати. Можно ли е сето тоа во ропство?“, прашува Манчев.

Историјата на Балканот како супермаркет

По падот на комунизмот во Бугарија излезе на виделина дека многумина авторитетни историчари, всушност работеле за домашната тајна служба, па оттука и дилемата за Манчев, дали историчарите во земјата работат за утврдување на историската вистина или за историско-политичката конјуктура?

Symbolbild Bulgarien EU
Фотографија: AP

„Јас тврдам дека историјата никогаш не била објективна наука, ни кај нас, ниту на Балканот. Историјата тука е како развластен двор. Секој влегува во него и зема што му треба. А секогаш му треба нешто кое ќе го пофали него и ќе ги демонизира соседите.“

Манчев се надева дека историските страсти на Балканот ќе се смират со постепениот влез на земјите од регионот во ЕУ, но вели дека за историјата да стане објективна наука треба да постои максимална фактологија и минимум човечка интерпретација, без разлика дали тоа некому му одговара или не.

„Кај нас отсекогаш приоритет била надворешната политика, да се завладее со нешто по секоја цена. Но, не е голем оној кој има многу голема територија, туку оној кој си ја обработил нивата. А нашите ниви се запустени“, вели историчарот Крсто Манчев.

Автор: Георги Папакочев / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска