1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки борби во Либија

24 февруари 2011

Либискиот властодржец Муамар ел Гадафи одговорноста за бунтот во неговата земја и‘ ја префрли на екстремистичката организација Ал Каеда.Тој изрази сочувство за сите кои изминативе денови го загубија животот.

https://p.dw.com/p/10Ou3
Фотографија: AP

Ал Каеда манипулира со Либија, изјави Гадафи за државната телевизија. Нејзиниот шеф Осама бин Ладен е вистинскиот злосторник. Ниту еден разумен човек нема да учествува во протестите. Луѓето се борат меѓусебе и се под дејство на дрога, рече Гадафи, кој на чело на Либија е 40 години. Во меѓувреме, отпорот против либискиот претседател Моамар ел Гадафи и натаму расте. Телевизијата Ал Џазира денеска прикажа снимки од полициска станица во пламен, кои наводно потекнуваат од градот Ас-Савија во близина на Триполи, како и снимки со околу 20 мртви тела, на кои рацете им се заврзани одзади. Ал Џазира информира дека станува збор за убиство на лица, кои се противеле да пукаат врз демонстрантите. Очевидец информира дека војниците во градот Ас-Савија отвориле оган и врз џамија. Според очевидци, градот нападнат од приврзаниците на Гадафи наликувал на „кланица“. Во моментов е тешко да се избројат мртвите и повредените, ги пренсува телевизијата Ал Арабија нивните искази. Ас-Савија инаку се наоѓа на 50 километри од либискиот главен град.

Massenflucht aus Libyen
Бегалци од ЛибијаФотографија: DW

Агенцијата Ројтерс исто така повикувајќи се на информации на очевидец информира дека трупите на либискиот властодржец го нападнале и градот Мисрата, при што биле убиени повеќе луѓе. Борбите се воделе во близина на аеродромот „Про-Гадафи бригадите ја преземаа контролата, но правиме напори да ја повратиме,“ информира сведокот. Мисрата се наоѓа 200 километри источно од Триполи. Египетски работници пак, кои ја напуштија Либија, евакуирајќи се во Тунис, информираат дека милитантни противници на Гадафи ја презеле контролата во градот Суара, кој се наоѓа на околу 120 километри западно од Триполи. Според нив полиција или војска не може да се видат на улицита на Суара.

Државнатa телевизија во меѓувреме ги повика противниците на Гадафи да го положат оружјето.

Синовите на Гадафи демантираат

Синот на Гадафи, Саиф ал Ислам во меѓувреме ги демантираше информациите за воздушни напади врз цивили. Од почетокот на немирите загинаа малку луѓе, рече за либиското радио: „Но да се зборува за стотици, илјадници жртви и воздушни напади, е смешно“, изјави ал Ислам. Ал Саади пак, друг син на Гадафи во телефонско интервју за денешното издание на „Фајненшл тајмс“ изјави дека 85 проценти од територијата на земјата се „мирни и безбедни“. Брат му Саиф ал Ислам во моментов работи на устав за Либија. Татко му пак во иднина ќе фунгира како советник во нова влада, изјави Ал Саади.

Flash-Galerie Libyen Aufständische haben die Macht in Tobruk
ЛибијаФотографија: dapd

НАТО нема да интервенира во Либија

Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини вчера меѓутоа изјави дека информациите за 1000 жртви во Либија се реални. Спoред Хјуман Рајтс воч пак досега во земјата биле убени 300 луѓе. Меѓународната заедница се обидува да ги евакуира своите граѓани и повикува на итен прекин на насилството. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен денеска ја исклучи можноста Северноатланската алијанса да интервенира во кризата во Либија. Засега нема барање за такво нешто, освен ова секаква интервенција мора да се заснова врз мандат на ОН, изјави Расмусен за време на посетата на Киев.

Автор: АТ/ СН/ ртре/ дпа/ дапд

Редактор: Борис Георгиевски